Линкови за пристапност

Вевчанци ги запалија маските, лошите духови останаа

  • Сашо Митан

Вевчанци ги запалија маските, лошите духови останаа

Вевчанци ги запалија маските, лошите духови останаа

Канцеларијата на Европската унија во Скопје бара властите да ги расчистат последните инциденти во Струга и да ги изнесат виновниците пред лицето на правдата.

Според нив добрите меѓуетнички односи се апсолутно неопходни во секоја држава, вклучувајќи ја и Македонија, во духот на Охридскиот рамковен договор.

Немилите настани кои од минатиот петок, со протестот кој беше организиран како реакција на дел од маските прикажани на карневалот во Вевчани, кулминираа со палењето на трпезаријата и покривот на црквата „Свети Никола“ во струшкото село Лабуништа.

Дополнителни тензии внесе и изјавата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој изјави дека палењето на црквата било дело на двајца Македонци.

„Се знае нивниот идентитет и полицијата трага по нив“, изјави Мерко.

За смирување на ситуацијата беше итно свикана седницата на локалната комисија за превенција на која беа осудени последните случувања. На состанокот учествуваа претставници на струшката локална самоуправа, претставник од ОБСЕ, Одделението за превенција при СВР Охрид, како и претставници од полициската станица во Струга и од Јавните установи во Општината.

Градоначалникот на Вевчани Перо Илиески и претседателот на Советот на општината, како и организаторите на вевчанскиот карневал, иако беа поканети, не се појавија на средбата.

Ставот на Комисијата го соопшти струшкиот градоначалник Рамиз Мерко: „Комисијата бара јавно извинување од страна на градоначалникот на Општина Вевчани Перо Илиевски и од организаторите на карневалот. Исто така побарано е од надлежните институции, сите учесници во карневалот кои ја понижија исламската вера и светата книга Куранот да се повикаат од страна на полицијата и ако не дадат јавно извинување против нив да се покренат кривични пријави“.

Се` почна на 14-ти јануари, кога како и секоја година карневалот во Вевчани заврши со традиционалното палење на маските, за кое се верува дека ги брка лошите духови.

И оваа година маските се запалија, но како да останаа лошите духови, кои деновиве сериозно се закануваат да го разнишаат кревкиот соживот во Струга и околината.

Во меѓувреме продолжија инцидентите во струшко. Со реакција се јавија и од Здравствениот дом Вевчани, од каде обвинија дека, по јавната порака испратена од градоначалникот Мерко за бојкот на домот во Лабуништа, од страна на негови активисти се врши насилно спроведување и присилување на граѓаните да ја бојкотираат задолжителната вакцинација на децата од предучилишна и училишна возраст од селото Лабуништа.

Како знак дека сепак може да се оди напред, денеска на јарболите пред општина Струга, по пауза од неколку дена, повторно се развиорија македонското и албанското знаме.

Дали е тоа затишје пред бура, или преовладеа разумот, ќе покаже времето.

XS
SM
MD
LG