Линкови за пристапност

Венизелос во Скопје

  • Синиша Станковиќ

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција доаѓа во посета на Скопје во улога на европски претставник со големи реакции во Македонија.

По долга пауза, особено кога се работи за две соседни земји, еден висок претставник на Грција, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос, на чело на бројна делегација вечерва, доаѓа во посета на Скопје, во улога на европски претставник, односно, како претседавач на Советот на министри на ЕУ.

Според најавите од грчкото Министерство за надворешни работи, кои ги пренесоа медиумите од Скопје, Венизелос утре ќе има полна агенда со средби со претставници на македонскиот државен врв и на опозицијата: се очекува тој да се сретне со шефот на државата Ѓорѓи Иванов и да има одделни разговори со министрите за надворешни работи Никола Попоски, и за евроинтеграции Фатмир Бесими, како и со лидерите на владеачката ДУИ, Али Ахмети и на опозициониот СДСМ, Зоран Заев, за на крајот на посетата, да разговара и со премиерот Никола Груевски.

Пред почетокот на својата турнеја по земјите од некогашна Југославија, на која ги посети Белград, Подгорица, Сараево и Приштина, Венизелос ги најави своите позиции во однос на Македонија, дека за нејзините евроинтеграции спорот околу употребата на уставното име не е главната пречка, туку неисполнетите критериуми за напредок кон ЕУ.

Ваквата најава предизвика и контранајави на социјалните мрежи, за организирање на можни протести на групи граѓани по повод посетата, но македонските медиуми известија за подготвеноста на единиците на МВР задолжени за безбедноста на високите гости.

Светскиот Македонски конгрес – СМК, чиј претседател е Тодор Петров и Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија - Македон, најавија дека утре пред Владата, за време на посетата на Венизелос, ќе организираат мирен протест, како израз на незадоволство „од политиките на Атина кон Македонија“. СМК ги повика учесниците да протестираат мирно и достоинствено.

Наспроти посетата и Обединетата македонска дијаспора - ОМД испрати соопштение во кое се вели дека е „време Грција да преземе водечка улога и да ги помогне евроинтеграциите на Македонија“. Претседателот на ОМД, Методија А. Колоски смета дека „треба двајца за танго за да се излезе од статус кво позицијата", и дека „грчката стратегија на блокирање на Македонија ја загрозува стабилноста во регионот како и процесот на проширување на НАТО и ЕУ". А директорот на ОМД за Европа, Филип Алтипармаковски смета дека „Венизелос не дејствува како независен и објективен глас на Унијата, користејќи ја секоја можност да ја дискредитира Македонија во Брисел. Исто така, тој пред целиот француски парламент ги навредуваше Македонците, нарекувајќи го нашиот јазик псевдо-македонски".

И активистите од организацијата „Македонски манифест“, главно интелектуалци од сферата на културата и уметноста, пред посетата на Венизелос, на прес-конференција побараа од македонските политичари „да покажат цврст став за националните прашања и да го третираат грчкиот шеф на дипломатијата и претседавач со Советот на министри на ЕУ, Евангелос Венизелос, исто како што тој ја третира Македонија“. Организацијата најави дека на Венизелос и на евроамбасадорот Аиво Орав ќе му испратат писмо во кое се порачува дека Грција треба да престане да ја држи ЕУ како заложник.

Професорот Стефан Влахов Мицов, изјави дека посетата на Венизелос е голем тест за македонските политичари и за македонска јавност и дека „ако имаме достоинство, таа посета не ни е потребна!“

Екс-амбасадорот Ристо Никовски, потенцираше дека гостинот нема да каже ништо ново: „Грција нема да ја промени својата позиција ниту сега, ни во блиска иднина. Наше е да го бомбардираме со факти и аргументи и да му се каже дека лаже, на пример, кога вели дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми. Факт е дека Европската комисија која е најнадлежна да го оценува тоа, предлага на Европскиот совет да даде датум за преговори. Фактички, значи сме ги исполниле критериумите. Тоа треба да се искористи во директна дебата и многу е важно на тие средби да нема дисонанци во нашите ставови, да се направи една платформа и да му се каже што е факт и вистина и тој да сфати дека кај нас нема разногласие“.

Имаше и поинакви ставови.

Еден од доајените на македонското новинарство, Ерол Ризаов, во колумната во „Утрински весник“, ја потенцираше неизвесноста која владееше околу одржувањето на средбата на македонскиот премиер со гостинот од Грција и ЕУ и, меѓу другото, истакна: „Нашите политички елити кога се во прашање односите со Грција губат од вид две најзначајни работи: факторот време и стратегиските интереси и приоритети на државата и граѓаните. Времето не` прегазува, Македонија останува сама на Балканот со реални изгледи да се иситни и исчезне. А, што се однесува до стратегиските интереси - никако да дознаеме дека нема вечни пријателства и непријателства, туку има само вечни интереси. И наместо да зборуваме за „грчка болест“ на Балканот, подобро е да зборуваме за тоа кои се нашите интереси. Да бевме влезени пред другите во ЕУ и во НАТО нашите барања до соседите ќе беа разрешување на легитмните интереси, а не „грчка болест“. Бранењето на своите интереси никогаш не е болест, туку обврска и право“, смета Ризаов.
XS
SM
MD
LG