Линкови за пристапност

Венизелос во Македонија

  • Борјан Јовановски

Венизелос пред средбата во Владата на РМ. Во позадината, протест во врска со неговата посета.

Венизелос пред средбата во Владата на РМ. Во позадината, протест во врска со неговата посета.

Шефот на грчката дипломатија одговори потврдно на прашањето дали по средбата со македонскиот премиер Груевски е поголем оптимист дека преговорите околу името ќе се интензивираат.

Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, во својство на претседавач на Советот на министрите на ЕУ, ја заврши посетата на Македонија. Ова беше прва посета на шеф на грчката дипломатија по 10 години.

По средбата со државниот врв, Венизелос изјави: „Подготвен сум да го поканам министерот Никола Попоски во Солун на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од регионот што ќе се одржи во април. Можеби по состанокот ќе имаме можност да договориме билатерална средба што би можела да се одржи или во Атина, или во Скопје“.

На прашањето - дали по разговорите со премиерот Никола Груевски тој е поголем оптимист дека преговорите околу името ќе се интензивираат, Венизелос одговори потврдно.

„По денешната посета имам впечаток дека владата во Скопје, како и локалната заедница и граѓанскиот сектор, се подготвени да учествуваат во дијалогот не само за прашањето за името, туку и за останатите аспекти во односите со Грција, оти Грција е врата за оваа земја до европската перспектива“, рече Венизелос.

Во врска со спротиставувањето на Грција на почетокот на преговорите, наспроти препораките на ЕК за нивно отворање, Венизелос рече: “Политиката за проширување ја води Советот, не Комисијата. Ја цениме работата на Комисијата, но последната одлука е на Советот и таа е политичка. Целата политика на проширување е политичка“.

Тој додаде дека освен името, критична точка остануваат Копенхашките критериуми, особено потенцирајќи ги добрососедските односи, што, како што рече грчкиот дипломат, не се однесуваат само на односите меѓу Грција и Македонија, туку и меѓу Македонија и Бугарија.

Шефот на грчката дипломатија се сретна со премиерот Никола Груевски. На средбата, како што соопшти Кабинетот на премиерот, соговорниците размениле мислења за повеќе актуелни теми и прашања што се од интерес за Република Македонија и нејзиниот напредок во европските интеграции. Според Кабинетот, на средбата истовремено било разговарано за реформите и чекорите што се преземаат од страна на државата за исполнување на критериумите и унапредување на взаемната соработка со Европската Унија.

Владата информираше и дека Груевски ја поздравил посетата на Венизелос, која претставува континуитет на посетите на Македонија како земја-кандидатка, од страна на Претседателството со ЕУ, како и намерата на грчкото Претседателство да организира Министерски самит со земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки во април. Премиерот изразил убедување дека грчкото Претседателство со ЕУ ќе ги зајакне перспективите на ЕУ за Балканот во согласност со Солунската агенда.

Домаќинот на Венизелос, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, по едночасовниот разговор со гостинот изјави дека Грција не остава простор за суштински напредок во однос на спорот за името.

„Ние во секој случај ќе бидеме посветени на она што е во доменот на наша контрола, а тоа е сите подобрувања и реформи кои ги правиме за подобра Македонија и во секој случај ќе останеме отворени за дијалог во секој момент, на секое место и во секој формат“, изјави Попоски.

Според него, неконструктивни се изјавите од грчка страна дека блокадата за членство на Македонија во Европската унија е резултат на неисполнувањето на Копенхашките критериуми, а не нерешениот спор за името.

Вензизелос се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов. По средбата, од Кабинетот на претседателот соопштија дека македонскиот претседател на министерот Венизелос му порачал дека решението за отвореното прашање е можно само со стриктно придржување до рамката во која се води процесот во ОН, со почитување на постоечките резолуции на Советот за безбедност, Времената спогодба, меѓународното право и пресудата од Хаг. Иванов додал дека навлегувањето во прашањата од сферата на идентитетот и човековото достоинство не е дел од рамката и не придонесува кон напорите за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение, соопшти Кабинетот на претседателот.

Гостинот од Атина се сретна и со лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев.

“Побаравме посилно вклучување на ЕУ и на Грција во изнаоѓање решение на спорот за името“, рече Заев по средбата, нагласувајќи дека денешната средба е чекор напред во овој процес.

„За деталите за името, ние секако не разговаравме, ние сме опозиција во државата, впрочем ние ниту ги знаеме последните предлози кои доаѓаат од медијаторот Метју Нимиц, но секако очекуваме како претседавач со Советот на министри во ЕУ и како министер во Владата на Република Грција да направат и тие дополнителен исчекор во изнаоѓање на конечно решение“, изјави Заев.

Водачот на ДУИ Али Ахмети исто така разговараше со Венизелос и рече дека побарал поголем ангажман од Грција во евроинтеграциите на Македонија.

„Како што имам побарано и од другите земји на Европската унија, така побарав и од Грција да помогне во олеснувањето на нашето патешествие кон европските интеграции. Господинот Венизелос покажа подготвеност да се помогне не само на нашата земја, туку и на целиот регион, затоа што тоа е за доброто на сите нас. Како пречка која се појавува на тој пат е решавањето на спорот, а господинот Венизелос покажа подготвеност да се изнајде заедничко прифатливо решение и за ова прашање“, изјави Ахмети.

Посетата беше повод и за протест што го организираше Светскиот македонски конгрес. Насобраните од Венизелос побараа да го почитува македонскиот идентитет, како и правата на македонското малцинство во Грција. Од македонските власти, пак, побараа да ги прекине преговорите околу името со Атина.
XS
SM
MD
LG