Линкови за пристапност

„Секое наше дете е Тамара!“

  • Синиша Станковиќ

Од Фејсбук-страницата со којашто се бара оставка на министерот Тодоров

Од Фејсбук-страницата со којашто се бара оставка на министерот Тодоров

Не стивнуваат реакциите по смртта на деветгодишното девојче од Велес

Под мотото „Секое наше дете е Тамара“, велешани денес организирале мирен протест во Младинскиот парк во нивниот град. Медиумите го пренесоа револтот на граѓанските активисти од Велес коишто на социјалните мрежи ги повикаа сограѓаните да дојдат на собирот затоа што „Тамара е секое дете! Дојдете и на мирен начин да покажеме дека знаеме кој е виновен за смртта на нашата Тамара! Да порачаме дека за детскиот живот нема преголема цена. Која Тамара е следна?“

Активистите и граѓаните на Велес на протестот ги обвиниле Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) за неажурност и неодговорност што довела до тоа 9-годишната Тамара Д. да почине без да ја дочека ветената помош на државата за покривање на трошоците за операцијата во странство. Медиумите пренесоа дека присутните на мирниот протест со едноминутно молчење ѝ одале почит на Тамара, порачувајќи дека ниеден детски живот нема цена. Граѓаните со симболични црвени картони во рацете побарале оставки од министерот за здравство Никола Тодоров и од директорите на ФЗОМ, Маја Парнаџиева Змејковска и Џемали Мехази, како и од д-р Аспазија Софијанова, заменик-претседателка на лекарската комисија којашто донела решение за одбивање на барањето за операцијата на Тамара во странство.

„Дајте оставки. Морално е да ве снема од системот што монструмски сте го креирале. Дајте оставки за да се сруши системот кој ви служи за реклама и пропаганда. Дајте оставки за да не ни умираат луѓето. Сите вие сте одговорни за смртта на Тамара, особено ти министре, од сите нас имате црвен картон“, ја пренесоа медиумите пораката на присутните на протестот до оние коишто тие ги сметаат за директно одговорни за трагедијата.

Според медиумите, мајката на несреќното девојче соопштила дека додека се чекала одлуката на ФЗОМ, стигнале понуди од болници во САД и во Велика Британија бесплатно да ја оперираат Тамара, но смртта била побрза. „Да не дозволиме утре некое дете да биде друга Тамара!“, апелирала мајката Жаклина. „Голем дел од медиумите кои сега објавуваат стории, кога молевме, никаде ги немаше, па затоа, сега ги замолувам барем да ни помогнат да ги казниме виновниците“, потенцирала тажната мајка, чија ќерка, со тежок деформитет на рбетниот столб не го дочека одобрението за уште една операција, којашто овој пат, поради сложеноста на зафатот морала да се изврши во странство.

Да биде скандалот уште поголем, семејството на починатата Тамара, по нејзиниот погреб, од ФЗОМ го примило одобрувањето за лекување во странство, потпишано од директорите Парнарџиева-Змејкова и Мехази. Се уште нема официјален одговор од Фондот дали се работи за превид.

И додека на социјалните мрежи не стивнуваат реакциите, а се потпишува и петиција со барање на оставки на одговорните во МЗ и во ФЗОМ, во државните институции се уште нема реакции околу евентуални оставки, разрешувања или повикувања на одговорност.

Министерот Тодоров, изјави дека: “би ја менувал и функцијата, да можам да променам нешто, но за жал не можам. Неодговорно би било да кажам дека не се чувствувам одговорно, или не чувствувам никаква одговорност, или не ми е жал за она што се случило. Искрено сочуствувам и жалам за тоа што се случи. Се обидов да направам сè што е во моите ингеренции, дури и повеќе од тоа, но очигледно тоа не беше доволно да се спаси овој млад живот”.

Докторка Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести и заменик-претседателка на лекарската комисија којашто го одбила лекувањето на Тамара во странство, изјави за медиумите: „Одлуката дојде од повисоко ниво, се чекаше да се отвори новиот Спинален центар за таму да се лекува малата Тамара. Јас во тој период не бев во државата, а одлуката се донесе по телефон”.

И покрај ветувањето на министерот за здравство дадено на 20 ноември минатата година - дека Тамара ќе се оперира во странство, девојчето, за жал, не ги дочека неопходните средства за операцијата.

XS
SM
MD
LG