Линкови за пристапност

Дебата за вакцинацијата

  • Синиша Станковиќ

Задолжителното вакцинирање на децата се најде и пред Уставниот суд на Република Македонија.

Откако на социјалните мрежи подолг период се водеше дебата за (не)штетноста на вакцините, како и своевидна кампања против задолжителното вакцинирање на децата како обврска од законските одредби за заштитата на населението од заразни болести, група граѓани поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредби од Законот за заштитата на населението од заразни болести.

Иницијаторите не се согласуваат ни со законски предвидените парични казни за родителите кои одбиваат вакцинација на своите деца, согласно одредбите на законите за заштита на децата и за образование, а протестираат и против решениијата според кои децата не можат да се запишат во основното образование ако немаат потврда за вакцинација и родителите немаат право на детски додаток. Според законските одредби, казната за одбивање вакцина е од 300 до 650 евра, а досега се издадени неколку прекршочни пријави за граѓани кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца.

Подносителот на иницијативата е Стамен Филипов, граѓанин познат и во медиумите по тоа што оспорил најмногу закони пред Уставниот суд, а кој законската одреба ја смета за уцена за родителите. Дел од иницијаторите во медиумите изнесоа забелешки дека лекарите не ги информираат граѓаните за несаканите ефекти од вакцинацијата, што, според нив, ги има и во упатствата за вакцините, а дел сметаат дека вакцините се повеќе штетни отколку корисни за децата и не веруваат дека постои научна потврда за нивната делотворност во превенцијата на болестите

Секторот за превентивна заштита и имунизација од Министерството за здравство категорично тврди дека вакцините во Македонија се исправни и безбедни и дека вакцинацијата на децата треба да биде задолжителна. Во Министерството сметаат дека сите вакцини во Македонија се во согласност со критериумите на Светската здравствена организација, како и дека евентуалното неимунизирање на децата може „врати“ дел од речиси искоренетите заразни болести. Националниот координатор за имунизација при Министерството, д-р Јованка Kостовска, потенцираше дека успешноста на вакцинацијата во државата со опфат од цели 95 проценти е благодарение токму на задолжителноста, која постои и во 15 држави од 27-те членки на ЕУ, додека во останатите - вакцинирањето се препорачува.

„Во Република Македонија се вакцинира од 1948-ма. Првата вакцина е против туберкулоза. Оттогаш, до ден-денес, ви тврдам дека сме немале ниту еден смртен случај како последица на вакцинација. Забележани се само несакани реакции во вид на зголемена температура, болка на место на оток и конвулзии, но никогаш посериозни реакции, ниту, пак, во упатствата за вакцините пишува дека се со смртен исход. Цел свет вакцинира“, изјави д-р Костовска.

Во Македонија, годишно се вакцинираат околу 180.000 деца против 11 болести. Во бројите коментари во рамки на полемиката што се разгоре околу актуелната иницијатива, се издиференцираа ставовите дека граѓаните имаат право да одлучуваат за себе и за своите деца во поглед на вакцините, но дека постои и одговорност за последиците од загрозувањето на здравјето на другите граѓани и на нивните деца.
XS
SM
MD
LG