Линкови за пристапност

Цените на енергенсите ја загреваат политичката сцена во Македонија

  • Борјан Јовановски

Опозицијата со интерпелација за претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.

Порастот на цените на бензините, електричната енергија и греењето влегува во Собранието на Република Македонија како тема околу која ќе се кршат копјата меѓу власта и опозицијата.

Опозициониот СДСМ денес најави интерпелација за претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров. Интерпелацијата уследи по претходните јавни повици на опозиционерите да се разреши првиот човек на Регулаторната комисија.

„Регулаторната комисија во услови на економска криза и сиромаштија одлучува спротивно на својата функција и интересите на граѓаните, со што предизвика инфлаторна спирала и поскапување храната, лебот, маслото и останатите основни животни продукти. Сите одлуки на Комисијата се спорни, почнувајќи од онаа за поскапување на струјата по втор пат годинава, за укинувањето на дневната евтина тарифа за струја, за неколкукратно зголемување на цените на бензините, како и донесувањето на правилникот за топлинска енергија“, изјави пратеникот Игор Ивановски, образложувајќи ја итерпелацијата.
Опозиционерите сметаат дека причина за ваквите состојби е, како што наведуваат, партизираноста на Комисијата. Според нив, првиот човек на ова регулаторно тело работи под диктат на владејачката партија.

ВМРО-ДПМНЕ со писмена реакција одговори на обвинувањата на Ивановски.

„Лага е дека цените на енергенсите зависат од ВМРО-ДПМНЕ. Регулирањето на нивната вредност не го прави Владата, туку независна комисија која ги следи ценовните вредности на светските берзи. Цената на нафтените деривати е директно поврзана со цената на енергенсите на светскиот пазар која драстично се зголемува. Македонија веќе 20 години опстојува во отворена економија и никако не може да биде исклучок од овој процес и да биде имуна на светските трендови“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

На ваквата ескалација на политичкиот дискурс претходеа серија на протести на граѓанската иницијатива АМАН во повеќе градови во земјата. Од протестите беше упатен апел до Регулаторната комисија да ги објасни своите одлуки за поскапување на енергенсите пред Собранието.

„Собраниската комисија за економија да свика надзорна седница на која предмет на расправа ќе биде работата на Регулаторната комисија... Цениме дека таа треба да биде јавна и да бидат повикани членовите на Регулаторната комисија и да му објаснат на народот по кои тоа методи ги поскапуваат цените на електричната енергија, на парното и на бензините, вели Џељал Хоџич од граѓанската иницијатива АМАН.

АМАН се појави на социјалните мрежи на Интернет откако регулаторната комисија, пред неполн месец, ја зголеми цената на струјата за речиси 10% и истовремено ја укина дневната евтина струја. Барањата на групата, меѓу другото, се таа одлука да се поништи, заедно со намалување на цените на парното и нафтените деривати.
XS
SM
MD
LG