Линкови за пристапност

Конгресот и Белата куќа постигнаа договор за финансирањето на владата


Планот обезбедува буџетски средства до март, 2017-та

Конгресните лидери постигнаа привремен договор со администеацијата на претседателот Барак Обама околу планот за трошоци, со којшто би се избегнал уште еден ќорсокак околу буџетот меѓу Белата куќа и тврдокорните конзервативни републиканци.

Договорот е резултат на неколкунеделни преговори предводени од спикерот на Претставничкиот дом, Џон Бејнер и лидерот на сенатското мнозинство, Мич Меконел, како и лидерката на демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и првиот човек на демократите во Сенатот, Хари Рид.

Со планот, владата ќе биде целосно финансирана до март, 2017-та, а ќе биде подигната и границата на задолжување. Според најновиот договор, се зголемуваат трошоците за армијата и домашните програми за околу 50 милијарди во 2016-та и дополнителни 30 милијарди во 2017-та. На располагање ќе има и дополнителни 16 милијарди годишно за воените операции на Пентагон во странство.

Со дополнителното финансирање, се укинува автоматското ограничување на трошоците воведено од Конгресот со договорот за буџетот од 2011-та година.

Дополнителните трошоци ќе бидат компензирани од долгорочните заштеди од Осигурителната програма за социјална заштита и од ограничувањата на исплатите до компаниите за здравствено осигурување од страна на Медикеар, владина програма за здравствена заштита наменета за постарите Американци.

Планот мора да биде одобрен и од Претставничкиот дом и од Сенатот, а потпишан од претседателот Обама пред наредниот вторник, 3-ти ноември, кога истекува рокот за крајната граница на позајмување. Конгресните лидери тогаш дополнително ќе преговараат како ќе обезбедат фондови за поединечните владини агенции пред 11-ти декември, до кога е рокот за нивно привремено финансирање.

Уште еден рок се ближи овој петок, кога спикерот Бејнер си заминува од функцијата, по притисокот да го стори тоа од страна на тврдокорните конзервативци, незадоволни од неговата подготвеност да преговара со демократите.

Претставничкиот дом по договорот за буџетот ќе гласа најрано до среда, еден ден пред да се изјасни за новиот спикер. Според најновите информации, се чини дека наследник на Бејнер ќе биде законодавецот од Висконсин, Пол Рајан.

XS
SM
MD
LG