Линкови за пристапност

Обама го одобри Актот за слободата - САД


Законот стави крај на обемното собирање на телефонски податоци и го регулира набљудувањето во иднина

Американскиот претседател Барак Обама стави потпис на Актот за слободата - САД, нова мерка којашто става крај на владиното масовно собирање на телефонски податоци за потребите на спречување на терористички напади, со што таа стана закон.

Обама истакна дека новите правила ги штитат и граѓанските слободи, и националната безбедност, како и дека воведувањето на новиот закон ќе обезбеди „поголема јавна довербаа“ во програмите за национална безбедност.

Претседателот ја потпиша мерката откако Сенатот го изгласа со разлика во гласови од 67-32. Мерката претходно мина и во Претставничкиот дом.

Според новите правила, американските телефонски компании, а не супер-тајната Агенција за национална безбедност (НСА) ќе собираат и чуваат податоци за телефонските разговори на Американците. Владата ќе може да има увид во нив само од случај во случај, и тоа само со претходно издаден судски налог, доколку постои соменние за тероризам.

Владата започна да собира податоци за телефонските разговори - но не и нивната содржина - веднаш по терористичките напади во во Њујорк и Вашингтон на 11-ти септември 2001-ва година. Критичарите тврдеа дека програмата претставува владино навлегување во приватноста, затоа што биле набљудувани милиони Американци коишто немале врска со тероризмот.

Досегашниот закон за масовно собирање на податоци, познат како Патриотски акт, истече на крајот на мај. Новиот закон претставува компромис, иако законодавци од обете партии наведуваат дека новиот систем ќе ја намали безбедноста, а на владата ќе и биде одземена важна алатка во битката против тероризмот.

Хјуман рајтс воч издаде соопштение во коешто наведува дека усвојувањето на Актот за слобода – САД можеби означува промена на насоката на масовно набљудување во САД, иако истовремено не успеал да се справи со многу други современи капацитети за набљудување, како пресретнувањето на повици преку мобилен телефон, на пример.

XS
SM
MD
LG