Линкови за пристапност

Сенатот ќе гласа за програмата за набљудување


Дали и во каква форма ќе продолжи следењето на телефонски податоци на Американците?

Американскиот Сенат е пред ново изјаснување за продолжувањето на обемната владина програма за набљудување од областа националната безбедност.

Водачот на сенатското малцинство Мич Меконел денес закажа гласање за три амандмани на законот познат како Акт за слобода - САД, мерка што веќе беше усвоена во Претставничкиот дом. Легислативата повикува на евентуален крај на собирањето на милиони податоци за телефонските разговори на Американците од страна на Агенцијата за национална безбедност (НСА) , но во меѓувреме би ја префрлил таа задача во надлежност на телефонските компании. Владата се` уште би имала можност да ги пребарува податоците за потребите на борбата против тероризмот, но само со претходна дозвола на суд, од случај во случај.

Промените коишто евентуално би ги изгласал Сенатот потоа ќе треба како финална верзија да минат и во Претставничкиот дом, што само ќе го одложи повторниот почеток на програмата за собирање на телефонски податоци. Сенатот претходно дозволи на крајот на мај да истече досегашниот закон за масовно собирање на податоци, познат како Патриотски акт, а донесен по терористичките напади врз САД на 11-ти септември 2001-ва година.

Претседателот Барак Обама ја поддржа верзијата на Актот за слобода – САД којашто ја усвои Претставничкиот дом.

Белата куќа го повика Сенатот што е можно побргу да ја усвои таа верзија, а слични повици упатија и клучните водачи на Домот.

Постои широка конгресна поддршка за продолжување на програмата во некаков вид.

„Никој не сака да се поткопаат правата на американските граѓани“, вели сенаторот и републиканец од Тексас, Џон Корнин, но тој додава и дека „сите сме доволно зрели да знаеме дека треба да има рамнотежа“ меѓу заштитата на правото на приватност и собирањето на информации за да се заштити земјата од терористички напади. Тој го поддржува ставот да се продолжи од шест месеци (како што гласаше Претставничкиот дом) на една година рокот за префрлање на собирањето на податоци, од Агенцијата за национална безбедност (НСА), во надлежност на телефонските компании.

Но, двајца виши членови на Комисијата на Претставничкиот дом за правосудство, републиканскиот претседавач Боб Гудлат и демократот Џон Конјерс предупредија дека Домот можеби нема да ги прифати промените на верзијата на законот веќе усвоен во ова тело.

Сенаторот и републиканец од Кентаки Ранд Пол, којшто е меѓу републиканските кандидати за претседателските избори 2016-та, на неколкупати го блокираше гласањето во Сенатот. Тој ја критикува програмата на НСА како прекршување на приватноста на Американците и тврди дека дури и законот на Претставничкиот дом не чини доволно за да ја реформира.

Но, републиканскиот сенатор Џон Мекејн, којшто загуби на претседателските избори 2008-ма од Обама, рече дека Пол „очигледно има повисок приоритет - собирање на средства за својата кампања и политичките амбиции, отколку безбедноста на нацијата“.

Информацијата за собирањето на податоци за милиони телефонски повици на Американците ја обелодени поранешниот договорен соработник на НСА, Едвард Сноуден, којшто доби азил во Русија и сега живее таму. Собраните податоци вклучуваат телефонски броеви, датуми и времетраење на повиците, но не и содржината на телефонските разговори.

XS
SM
MD
LG