Линкови за пристапност

САД очекуваат Русија да ги разгледа „сите можности“ за испорачување на Сноуден


Празно седиште во авионот на лет од Москва за Куба, за кое се претпоставува дека било резервирано за Едвард Сноуден.

Празно седиште во авионот на лет од Москва за Куба, за кое се претпоставува дека било резервирано за Едвард Сноуден.

Белата куќа разочарана и што му било дозволено да замине од Хонг Конг за Москва.

Претставници на Белата куќа наведуваат дека очекуваат Русија да ги преиспита „сите расположливи можности“ за протерување на Едвард Сноуден во САД, каде се товари за шпионажа.

Поранешниот работник под договор на американското разузнавање пристигна вчера во Москва од Хонг Конг. Тој се обидува да избегне испорачување во САД поради откривањето на доверливи информации за програмите на американската влада за следење на телефонски и Интернет-податоци, дома и во странство.

Портпаролката на Националниот совет за безбедност Кетлин Хајден соопшти дека Белата куќа е разочарана што на Сноуден му било дозволено да замине од Хонг Конг и покрај „законски валидното“ барање да биде уапсен. Според изјавата објавена утрово, САД упатиле „остар протест“ до властите во Хонг Конг и до кинеската влада.

Во меѓувреме, Еквадор соопшти дека примил барање за азил од Сноуден и дека во моментов го разгледува истото.

Сноуден вчера остана на Московскиот аеродром. Се очекуваше денес да замине за Куба, но не е познато дали се најде на тој лет.

Американски официјални лица велат дека пасошот на Сноуден бил поништен пред да замине од Хонг Конг. Американската влада ги советуваше земјите низ кои тој можеби ќе мине или пак ќе бидат негова крајна дестинација дека по него е распишана потерница поради обвинение за злосторство и дека не треба да му дозволат да патува.

Организацијата ВикиЛикс, која се бори против тајност, информираше дека нејзините правни советници и неименувани дипломати биле во придружба на Сноуден кога вчера заминал за Москва, како и дека ќе продолжи да го придружува на патот до Еквадор, земјата која е еден од најгласните критичари во Латинска Америка на надворешната политика на САД.

Еквадор минатата година му даде засолниште во својата амбасада во Лондон на основачот на ВикиЛикс, Џулијан Асанж, со што тој избегна испорачување во Шведска, каде е под истрага како осомничен за сексуален напад. Адвокатите на Асанж велат дека Асанж стравува дека би можел да биде испратен во САД поради објавувањето на тајните американски дипломатски телеграми во 2010-та.

Сноуден достави документи до медиумите што покажуваат дека американските разузнавачки служби со години собирале податоци за моделите на телефонските повици и користењето на Интернет. Тој верува дека ваквите програми ја кршат приватноста на граѓаните.

Виш американски владин претставник ги критикуваше мотивите на Сноуден, велејќи дека неговиот фокус на транспарентност и индивидуални права „е во противречност на потенцијалните заштитници кои ги има избрано“. Ова лице ги наведе Кина, Русија, Куба, Венецуела и Еквадор, додавајќи дека фактот дека Сноуден не ги критикува владите на овие земји е показател дека неговиот вистински мотив е да нанесе штета на американската национална безбедност.

Американски владини лица реагираа на случајот инситирајќи дека програмите не значат следење на содржината на телефонските разговори, туку само на метаподатоците, како на пример кога бил направен повикот, или кој број бил повикан. Властите исто така тврдат дека програмите спречиле нај малку 50 терористички напади низ цел свет од нападите во САД на 11-ти септември 2001-ва. Тие го товарат Сноуден дека со оддавањето на информации само ги намалил шансите за спречување на напади во иднина.
XS
SM
MD
LG