Линкови за пристапност

Повторно немирна ноќ во Фергусон, Мисури


Судир на демонстрантите и полицијата; градот денеска ќе го посети главниот правобранител Ерик Холдер

Демонстрантите и полицијата во текот на минатата ноќ повторно се судрија во градот Фергусон во сојузната држава Мисури, среде напнатоста поради убиството на невооружен тинејџер Афроамериканец од страна на полицаец - белец.

Полицијата употреби шок-гранати и солзавец против толпата на улиците што излезе на улиците на Фергусон откако настана хаотична ситуација по претходните мирни протести. Кон припадниците на полицијата, зајакнати со оклопни возила, беа фрлени Молотови коктели и шишиња.

Полицајците тврдат дека врз нив бил извршен тежок напад, но дека не отвориле оган. Две лица биле повредени, наводно од истрели внатре во толпата. Голем број од оние во толпата навидум се оглушија на наредбата на полицијата за растурање и на крајот беа уапсени 31 лице.

Полицијата соопшти дека поголемиот дел од демонстрантите протестирале на мирен начин, но дека мал број ги претворил протестите во насилни.

Во близина на протестите можеа да се забележат силите на Националната гарда, што вчера беа испратени во Фергусон за да ги зајакнат полициските сили, по насилните протести неделата навечер за убиството на 18-годишниот Мајкл Браун од страна на полицаецот Дарен Вилсон.

Полицијата тврди дека Браун започнал физичка пресметка со Вилсон во неговото службено возило кога тој се обидел да го запре на улица. Но, сведоци наведуваат дека Браун бил застрелан повеќепати додека со пријателот се враќал од продавница иако рацете му биле во воздух, со што сакал да покаже дека се предава.

Американскиот главен правобранител Ерик Холдер денес ќе го посети Фергусон, каде ќе биде брифиран за текот на истрагата на федерално ниво за случајот. Холдер планира да се сретне со претставници на Одделот за правда и Федералното истражно Биро (ФБИ) за федералната, независна истрага за граѓански права во врска со убиството на Браун. Тој ќе разговара и со водачи на локалната заедница, во обид да го врати редот и мирот во градот што се наоѓа во непосредна близина на Сент Луис.

Претседателот Барак Обама вчера изјави дека поголемиот дел на луѓето протестираат на мирен начин и го повика „малиот број“ на други „да не дозволат да ги обзеде гневот и да ограбуваат, носат оружје и ја напаѓаат полицијата“. Обама рече дека таквите постапки само ја зголемуваат напнатоста и хаосот и ја потокопуваат наместо да ја зајакнат правдата. Првиот човек на САД кажа и дека „нема оправдание за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата“ или пак за каква и да е` постапка што ги порекнува правата на оние што мирно протестираат.

​Независната обдукција што ја побара семејството на Браун покажа дека тој бил застрелан најмалку шестпати, од што двапати во главата. Адвокатите на семејството на Браун коментираат дека обдукцијата покажала дека невооружениот тинејџер се обидувал да се предаде кога полицаецот Вилсон смртно го застрелал.

Вилсон е ставен на принуден, платен одмор се` додека трае истрагата.

XS
SM
MD
LG