Линкови за пристапност

САД: дополнителни економски санкции врз Русија


Американскиот Оддел за финансии воведе санкции врз 34-ца поединци и ентитети за непочитување на претходно воведените казни и други активности поврзани со руската вмешаност во Украина.

Во соопштението на Одделот се додава дека предмет на казните ќе бидат бројни филијали на руски државни банки, како и компанијата за одбранбени услуги Ростек. Санкции се веќе воведени за нивните матични компании.

Мерката претставува поддршка на американската определба за изнаоѓање на дипломатско решение за кризата во Украина и за политиката на непризнавање, што се однесува на припојувањето на Крим од страна на Русија, стои во соопштението.

Санкциите на САД ќе останат на сила се` додека Русија не ги имплементира определбите од мировниот договор во Минск, во целост.

Американскиот чекор уследи еден ден откако ЕУ ги обнови економските санкции врз Русија за уште шест месеци, за да може да изврши проценка на руското почитување на мировниот договор во источна Украина.

И покрај тоа што порано годинава беше потпишан договор за прекин на огнот, Украина вели дека се` уште не ја презела контролата врз својата граница со Русија.

Според ОН, во конфликтот меѓу двете земји досега загинале преку 8.000 лица, од кои повеќето се цивили.

XS
SM
MD
LG