Линкови за пристапност

Трамп: Мојот темперамент е многу поостар од оној на Клинтон


Најверојатниот републикански претседателски кандидат реагира на говорот на демократката Хилари Клинтон за американската надворешна политика

Најверојатниот претседателски републикански кандидат, Доналд Трамп остро реагираше на говорот на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон при што го „нападна“ Трамп дека има „несоодветен темперамент за да биде претседател, функција за која е потребно знаење, стабилност и огромна одговорност“.

„Мојот темперамент е многу поостар, многу подобар од нејзиниот“, истакна Трамп за време на неговото обраќање во Сан Хозе, Калифорнија. Тој кажа дека Клинтон лажела и ја измислила неговата надворешна политика.

Клинтон во својот говор го истакна искуството како прва дама, сенаторка и државна секретарка, велејќи дека ќе обезбеди стабилна дипломатија што и` е потребна на земјата, додавајќи дека „не е тешко да се замисли дека Доналд Трамп ќе не` вовлече во војна, само заради тоа што некој се вовлекол под неговата многу тенка кожа“.

Како одговор, милијардерот кажа дека следејќи го говорот на Клинтон, „било тешко да се остане буден“.

Што се однесува до прашањето за тероризам, Трамп вети дека ќе го блокира влезот на муслиманите во САД. „Мора да прекинеме со увезување на екстремизам преку бесчувствителна имиграциона политика“, истакна Трамп за време говор за надворешната политика во април.

Меѓу останатите антитерористички предлози на Трамп се тортура и убиства за семејствата на осомничени терористи, како и целење на Исламската држава. „Имам едноставна порака за нив“, порача тој. Нивните денови се одброени. Нема да им кажам каде, ниту како, но нив ќе ги нема, и тоа наскоро“.

Хилари Клинтон сепак кажа дека претседателствувањето на Трамп ќе има спротивен ефект. „Трамп како претседател, само ќе го охрабри ИСИС“, подвлече поранешната државна секретарка.

Говорот на Клинтон се случува пет дена пред прелиминарните избори на Демократската партија во Калифорнија, на коишто се очекува да го добие дополнителниот број делегати, потребни за претседателската номинација од партијата. Сепак, одредени анкети покажуваат дека трката со нејзиниот главен ривал во оваа сојузна држава, сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, станува се` потесна.

XS
SM
MD
LG