Линкови за пристапност

Бомбашкиот напад во Њујорк предизвика политичка дебата


Клинтон се залага за нов начин на борба против тероризмот; Трамп повика на ограничување на условите за влез на мигранти во САД.

Бомбите во Њујорк и Њу Џерси станаа предмет на нова дебата во претседателската трка во САД, но и повик за акција во Капитол Хил.

Демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон рече дека потребен е нов начин на борба против тероризмот. Според неа, експертите од технолошкиот центар во силиконската долина се способни да најдат начини за следење на комуникациите и на тој начин да превенират напад.

„Не треба да се плашиме туку треба да бидеме претпазливи“, изјави Клинтон во Њујорк.

Новиот технолошки предизвик беше потенциран и од страна на член на Комитетот за разузнавање на Сенатот, кој за Гласот на Америка вели дека американскиот закон и разузнувачките агенции остануваат слепи за саморадикализираните терористи кои самостојно извршуваат напади на американската територија.

„Многу е тешко нашите закони и разузнувачките агенции да ги идентификуваат луѓето кои потенцијално може да се радикализираат, посебно во свет во кој нема потреба да патуваат за тоа да се случи“, рече републиканската сенаторка Сузан Колинс.

„Може да се радикализираат и на интернет. Како што расте бројот на шифрирани апликации, дури и кога постои сомнеж за одредено лице дека е потенцијално опасно за безбедноста на нашата земја, претставниците на разузнувачките агенции затвораат очи на тоа“, вели Колинс.

Сенаторката говореше по апсењето на осомничениот во бомбашките напади во Њу Џерси и по инцидентот со нож во трговскиот центар во Минесота, во кој напаѓачот беше смртно застрелан.

Во претседателската трка, републиканскиот кандидат Доналд Трамп уште еднаш повика на ограничување на условите за влез на мигранти во САД.

Алудирајќи на оние кои ги извршија терористичките напади, Трамп рече „Хилари Клинтон сака да им дозволи на илјадници од нив да влезат во државата“.

Според Трамп американската полиција знае кои се повеќето од овие лица, но се плаши да преземе нешто за да не бидат потоа обвинети за расна дискриминација.

Клинтон исто така потенцираше дека сака детална проверка, но вели дека се добро опремени за да се справат со предизвиците на потенцијалните терористи.

„Тоа можеме да го сториме со спроведување на законот, со разузнавачки информации согласно нашите вредности“, рече таа.

Нападите потикнаа повик за нова акција во Конгресот.

Демократот од Сенатот, лидерот на малцинството на Невада, Хари Рид веќе подолго време се залага за забрана за купување на оружје за оние кои се наоѓаат на листа на потенцијални терористи.

„Конгресот мора со заеднички напори да стори многу повеќе во однос на терористичките закани. Во истиов момент додека зборуваме постои дупка во законот која може да ја искористи потенцијален терорист кој е на листата на ФБИ и да отиде легално да набави оружје и експлозиви, така што треба да за застанеме и да размислиме за тоа“.

Во меѓувреме републиканскиот сенатор од Тексас, Џон Корнин го повика претседателот Обама да го потпише законот кој го донесе Конгресот а со кој им се овозможува на Американците да ги тужат странските лица кои спонзорирале терористички напади во државата.

„Целта на законот е Американците да реагираат против оние кои се вклучени во терористички напади на нашата татковина“, вели тој додавајќи дека тоа и не би било толку контроверзно.

Во меѓувреме Колинс повика на поголема соработка со муслиманската заедница во САД.

„Терористичките напади кои се случија во рок од 36 часа се алармантен повик за акција“, вели таа. Потребно е да се вклучи и муслиманската заедница со поголема соработка во спроведувањето на законот, но и во одвраќањето на младите кои се под влијание на радикалните исламистички групи“, рече таа.

XS
SM
MD
LG