Линкови за пристапност

Ромни победи во 6 од 10 сојузни држави


Санторум вели дека трката не завршила со гласањата супер-вторникот.

Републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни победи во 6 од 10-те сојузни држави каде синоќа се одржуваа прелиминарни гласања за претседателските избори.

Поранешниот гувернер на Масачусетс во Охајо заврши со само 1% повеќе од гласовите во однос на второпласираниот, поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум, но таа победа можеби е најважна, бидејќи Охајо се смета за една од клучните сојузни држави за конечно освојување на републиканската номинација. Ромни заврши на чело и на прелиминарните избори во Вермонт, Вирџинија, Масачусетс, како и на партиските изборни состаноци во Ајдахо и Аљаска.

Ромни синоќа во Бостон предвиде дека на крајот ќе освои највеќе изборни делегати. „Вечерва ги броиме освоените делегати и сликата е поволна. Ги броиме и деновите до ноември, и сликата е уште подбра. Победата тука во Масачусетс ќе не` однесе се до Белата куќа“, рече Ромни.

Во залог беа преку една третина од вкупно 1,144-те делегати потребни за освојување на републиканската номинација. Делегатите на завршната републиканска конвенција во Флорида во август и официјално ќе ја доделат номинацијата на партискиот кандидат.

Ромни има солидна предност според досегашниот број на освоени делегати. Се надеваше дека на супер-вторник ќе се издвои како конечен победник, но досега не успеа да ја добие поддршката на гласачите од работничката класа и верските конзервативци, кои го претпочитаат Санторум.

Синоќешната порака на Санторум од Охајо, кој победи во Северна Дакота, Оклахома и Тенеси е дека трката не е завршена. „Вечерва е очигледно дека победивме во неколку гласања ширум земјата, без оглед што шансите беа против нас и кога се мислеше дека сме готови. Се вративме, како и претходно. Ние сме во трката бидејќи од се` срце сакам да ја вратам моќта во оваа земја – на вас“, кажа Санторум.

Поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич ја освои Џорџија, која ја претставуваше во Конгресот преку две децении. Тој говореше пред одушевените симпатизери во Атланта. „Да бидеме на чисто: верувам дека сум кандидатот кој решително ќе му се спротистави на Барак Обама есенва“, порача Гингрич.

Тексашкиот конгресмен Рон Пол, кој се` уште е без победа, во Северна Дакота го повтори својот антивоен став: „Има цела група луѓе во Башингтон, а и други кандидати, кои велат – едвај чекаме да влеземе во Сирија, во Иран. Тоа нема смисла, не можеме да си го дозволиме, нема да помогне, и нема да ни даде поголем одбранбен капацитет“.

Гласачите во Охајо - со различни причини за кого гласале.

„Гласав за Мит Ромни. Мислам дека е најмоќниот кандидат и сакам што е можно поскоро да го избереме за да се фокусираме на тоа како да го поразиме Обама“, вели Пет Зедник.

„Сите имаат багаж од минатото, но Рик Санторум е доста постојан во ставовите, социјалните прашања. Тоа е важно, а економијата е посекако главната работа за која сум заинтересиран“, наведува Џек Аер.

Има и такви кои, иако долгогодишни републикански гласачи, планираат да се изјаснат за Обама. „Републиканската партија ја презедоа конзервативците од десното крило кои немаат слух за тоа што навистина им е потребно на Американците“, вели Џон Пејн.

XS
SM
MD
LG