Линкови за пристапност

Супер-вторник!


10 сојузни држави во ист ден гласаат кој ќе му се спротистави на Барак Обама на претседателските избори во ноември.

10 американски сојузни држави во ист ден одржуваат прелиминарни избори за републиканскиот кандидат кој ќе му се спротистави на Обама на претседателските избори во ноември. Такананаречениот супер-вторник е најважниот ден досега во републиканската трка за Белата куќа.

Денешните избори носат преку една третина од вкупно 1,144-те изборни делегати потребни за освојување на републиканската номинација за претседателските избори. Тоа е повеќе од гласовите што заедно ги донесоа досегашните прелиминирани избори и партиски изборни состаноци во неколку сојузни држави.

Поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни води по бројот на досега освоени гласови. Тој победи во последните пет сојузни држави каде се одржаа избори и се надева дека по супер-вторник ќе се издвои како кандидатот кој ќе ја добие републиканската номинација. Неговиот главен конкурент, поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум се обидува повторно да зеде замав и да го повтори успехот на почетокот на февруари, кога победи во три сојузни држави едноподруго.

Ромни и Санторум понеделникот беа на предизборни кампањи во Охајо, сојузната држава што се смета за мошне важна во крајниот резултат и каде двајцата се практично израмнети според анкетите.

Најновото истражување на Универзитетот Квинипек покажува дека рејтингот на Ромни е во пораст од минатата недела и сега изнесува 34% меѓу републиканските гласачи. Санторум, кој водеше во Охајо кон крајот на минатиот месец, има 3% помалку од Ромни.

Вермонт, Вирџинија, Масачусетс, Оклахома, Тенеси и Џорџија се другите сојузни држави каде денес се одржуваат прелиминарни избори. Се гласа и во Ајдахо, Аљаска и Северна Дакота, но на партиски изборни состаноци.

Во републиканската трка за претседател учествуваат и поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич и конгресменот од Тексас Рон Пол. Гингрич вчера беше на средби со гласачи во Тенеси, а е убеден дека ќе победи во Џорџија, која две децении ја застапуваше како конгресмен. Пол, кој досега нема победено во ниту една сојузна држава, се надева на добри резултати во Аљаска, Ајдахо и Северна Дакота.

Според прогнозите, Ромни би требало да мине добро во Масачусетс како поранешен гувернер на оваа сојузна држава од 2003-та до 2007-ма, во соседен Вермонт, но и во Вирџинија, каде на гласачкото ливче се само тој и Пол.

Претседателот Барак Обама, пак, чиј рејтинг постепено расте во последно време, се надева дека ќе добие дополнително внимание со прес-конференцијата закажана за денес попладне.

XS
SM
MD
LG