Линкови за пристапност

Републиканската платформа против абортусот


Документот за партиските гледишта, објавен пред конвенцијата што ќе се одржи наредната недела, повикува на уставен амандман со кој чинот би станал противзаконски.

Подготвувајќи се за партиската конвенција што ќе се одржи наредната недела, републиканците одобрија платформа во која бараат уставен амандман со кој абортусот би станал противзаконски.

Барањето не вклучува исклучоци во случај на силување или инцест, што е спротивно на гледиштата на републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни. Платформата повикува и на уставен амандман што на неродните деца би им дал фундаментално право на живот што не може да биде прекршено.

Претседателските кандидати не се обврзани да ги следат партиските изјави и гледишта.

Платформата беше усвоена вчера, истиот ден кога републиканскиот конгресмен Тод Ејкин соопшти дека ќе остане во трката за сенатско место од сојузната држава Мисури. Ејкин е на мета на жестоки критики поради изјава дадена нешто порано неделава, дека во случаите за кои е докажано дека се работи за силување, постојат механизми преку кои женското тело може да го спречи забременувањето.

Многумина републиканци, меѓу нив и Ромни, побараа Ејкин да се повлече од сенатската трка, стравувајќи дека контроверзата поради неговата изјава ќе ги загрози партиските шанси на изборите за освојување на мнозинство во Сенатот.

Ромни и неговиот кандидат за потпретседател, Пол Рајан, официјално ќе бидат номинирани за изборите наредната недела на партиската Национална конвенција во Тампа, сојузната држава Флорида. Најновите податоци покажуваат дека Ромни има голема предност во средствата за предизборната кампања во споредба со демократскиот кандидат, актуелниот претседател Барак Обама.

Федералната изборна комисија понеделникот соопшти дека Ромни и републиканците само во јули собрале 101 милион долари, за разлика од Обама и демократите, кои имаат 75 милиони.
XS
SM
MD
LG