Линкови за пристапност

Обама и Ромни вкрстија копја за економијата


На предизборна кампања во Вирџинија, една од сојузните држави што може да бидат пресудни на гласањето во ноември.

Американскиот претседател Барак Обама и републиканскиот предизвикувач Мит Ромни се нападнаа меѓусебно на економски план на предизборната кампања што денеска ги однесе во сојузната држава Вирџинија.

Обама во местото Вирџинија Бич вети дека ќе создаде нови работни места и ќе го зголеми извозот. Тој рече дека САД не би можеле да појдат далеку со водач кој отпиша половина од земјата, со тоа алудирајќи на неодамна објавената тајна снимка од вечера на која Ромни на богати поддржувачи им вели дека се откажал од 47% од Американците кои се подржувачи на Обама и за кои тврди дека не плаќаат даноци и сметаат дека се „жртви“ на кои им следува владина помош.

Рејтингот на Ромни појде надолу по објавувањето на снимката.

И републиканскиот кандидат го истакна отворањето на нови работни места за време на собирот во Спрингфилд, Вирџинија, што е предградие на Вашингтон. Ромни најави дека ако биде избран, ќе го избалансира федералниот буџет уште на самиот почеток на мандатот и ќе создаде плодна клима за малите бизниси. Тој вети и дека ќе го укине законот за реформа на здравствената заштита што го иницираше Обама и што републиканците пежоративно го нарекуваат „Обамакеар“.

Според различни анкети, Обама создаде предност пред Ромни во Вирџинија и неколку други сојузни држави што може да бидат пресудни за гласањето на 6 ноември.
XS
SM
MD
LG