Линкови за пристапност

Ромни најави обнова на „ветувањето на Америка“


На републиканската конвенција во Тампа ја прифати партиската кандидатура за претседателските избори.

Мит Ромни ја прифати републиканската кандидатура за претседателските избори, најавувајќи дека ќе го „обнови ветувањето на Америка“.

Во обраќањето на завршницата на Националната конвенција на Републиканската партија во Тампа, Флорида, Ромни пред партиските делагати, но и пред милиони што го следеа во живо преку телевизија, рече дека посакувал претседателот Барак Обама да успее затоа што сака САД да успеат, но дека ветувањата на Обама резултирале во разочарување и поделби и порача дека Американците заслужуваат нешто подобро од тоа.

Мит Ромни, републикански претседателски кандидат
Мит Ромни, републикански претседателски кандидат
“Претседателот може да ни каже дека некој друг е виновен. Претседателот може да ни каже дека ќе ја поправи ситуацијата во наредните четири години. Но, претседателот не може да ни каже дека ни е подобро од кога дојде на фунцијата“, рече Ромни.

Републиканскиот кандидат им порача на Американците дека доколку му ја дадат довербата, ќе примени план од пет фази за подобрување на економијата и отворање на 12 милиони работни места.

Во глобалната дипломатија, Ромни вети „помала флексибилност, а повеќе `рбет“, заедно со „поголема лојалност“ кон американските сојузници, како Израел, на пример.

Претседателскиот претендент дури се обрати и до женските гласачи, дел од изборното тело кај кое не е многу популарен. Тој ги пофали женските партиски лидери присутни на конвенцијата и истакна дека додека бил гувернер, на позициите заменик-гувернер, шеф на кабинетот и на половината од вишите позиции се наоѓале жени.

Клинт Иствуд
Клинт Иствуд
На последната вечер на конвенцијата, поддршка на Ромни со свои настапи му дадоа и познати личности, како петкратната олимписка освојувачка на медали Ким Роуд и филмскиот актер и режисер Клинт Иствуд. Иствуд ја крена публиката на нозе кога рече дека политичарите се вработени од страна на граѓаните и дека треба да бидат отпуштени ако не си ја вршат работата.

Синоќа говореше и сенаторот Марко Рубио, кој истакна дека Ромни е многу повеќе од успешнен бизнисмен, затоа што служи за углед на помладите Американци како тој самиот.

Поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш во своето обраќање пред делегатите го повика Обама да не го обвинува неговиот помлад брат, поранешниот претседател Џорџ В. Буш за проблемите во земјата. „Вистински лидер би презел одговорност за своите постапки, а ти не го стори тоа“, рече Џеб Буш.

Ромни, некогашен бизнисмен и поранешен гувернер на Масачусетс, тврди дека може да ја закрепне економијата со пониски даноци и помала владина регулатива. Обама, пак, возвраќа дека Ромни со тоа би ја вратил земјата на политиката што доведе до најлошите економски услови од времето на Големата депресија.

Анкетите на национално ниво покажуваат дека изборните кандидати се практично изедначени на десет недели до изборите на 6-ти ноември. Гласачите сметаат дека Ромни е подобро поткован да ја подобри економијата, но Обама повеќе им се допаѓа.

На кампања во Вирџинија, претседателот Обама коментираше дека републиканската конвенција е „навистина забавно шоу“, но дека гласачите нема да слушнат Ромни или другите републикански претставници да понудат „јасен, сериозен начин како да се тргне напред“.

Демократите ќе ја одржат својата конвенција наредната недела во Шарлот, Северна Каролина.
XS
SM
MD
LG