Линкови за пристапност

Избори во Алабама и Мисисипи


Сојузните држави од американскиот југ гласаат на прелиминарните републикански избори.

Избирачите во јужните сојузни држави Алабама и Мисисипи денес гласаат кој ќе биде републиканскиот противкандидат на Барак Обама на претседателските избори во ноември.

Според анкетите, првите тројца претенденти се во мошне тесна трка. Мит Ромни, Рик Санторум и Њут Гингрич до последен момент беа на предизборни кампањи, барајќи поддршка од овие претежно конзервативни држави. Победата во која и да е од нив би била од клучно значење за Ромни - поранешниот гувернер на Масачусетс веќе освои речиси 40% од вкупно 1.144-те изборни делегати потребни за конечна партиска номинација. Па сепак, тој досега не успеа да ја добие поддршката на конзервативната база, која се приклони на неговиот главен ривал, поранешниот сенатор Санторум.

Според најновата анкета на АБЦ и Вашингтон пост, Ромни води пред претседателот Обама на претпоставени избори со 49 наспроти 47%. Истражувањето, што е со грешка од +/-4%, исто така покажува дека Обама е во водство пред Санторум со 49 наспроти 46%.

Поранешниот претседател на Претставничкиот дом Гингрич се надева дека победата во родната Џорџија минатата недела ќе влијае на денешните избори за уште поголем успех на Југот. Неговата единствена друга досегашна победа е во Јужна Каролина, така што со евентуален несупех денеска ќе се најде под голем притисок да се откаже од трката и да остави простор за Санторум како единствениот главен противкандидат на Ромни.

Во трката учествува и конгресменот Рон Пол, но тој досега нема победено во ниту една сојузна држава.

Денес се одржуваат и партиски изборни состаноци на Хаваите и во територијата Американска Самоа.

XS
SM
MD
LG