Линкови за пристапност

Панета: САД го губат трпението со Пакистан


Секретарот Панета во разговор со американскиот амбасадор Рајан Крокер непосредно по пристигнувањето во Авганистан.

Секретарот Панета во разговор со американскиот амбасадор Рајан Крокер непосредно по пристигнувањето во Авганистан.

Американскиот секретар за одбрана Леон Панета побара Пакистан да преземе акција против бунтовниците кои ги напаѓаат војниците на САД во Авганистан, коментирајќи дека САД „ја достигнаа границата“ на своето трпение.
„Од исклучителна важност е Пакистан да преземе акција за да го спречи постоењето на вакви засолништа и да не им дозволи на терористите да ја користат земјата како безбедносна мрежа од каде вршат напади врз нашите сили“.


Панета, кој се наоѓа во посета на Авганистан, во Кабул изјави дека расте загриженоста поради терористичките засолништа во Пакистан и поради тоа што организациите како Хакани, која е поврзана со Ал-Каида, ги користат засолништата како бази за нападите против коалиционите сили.

„Од исклучителна важност е Пакистан да преземе акција за да го спречи постоењето на вакви засолништа и да не им дозволи на терористите да ја користат земјата како безбедносна мрежа од каде вршат напади врз нашите сили“, рече првиот човак на американската одбрана.

Мрежата Хакани се товари за бројни крвави напади врз меѓународните сили во Авганистан. Се верува дека нејзината база е во пакистанскиот племенски регион Северен Вазиристан, кој, пак, во повеќе наврати беше цел на нападите на американски беспилотни летала. САД го повикаа Пакистан да поведе армиска офанзива во овој регион, но пакистанските власти се противат на тоа.

Панета коментираше по средбата со авганистанскиот министер за одбрана Абдул Рахим Вардак за време на ненајавената посета на Авганистан, а се сретна и со командантот на американските и НАТО-силите во Авганистан, генералот Џим Ален. Тој оцени дека и покрај неодамнешните напади, гледано севкупно, насилството во Авганистан е во опаѓање.

Посетата се случи непосредно откако авганистанскиот претседател Хамид Карзаи го осуди воздушниот напад на НАТО во покраината Логар, во кој, како што рече, загинале 18 цивили меѓу кои има жени и деца. Карзаи кажа дека секаков напад во кој гинат цивили или се уништува сопственост не може ниту да се оправда, ниту да се прифати.

НАТО, пак, вчера соопшти дека се однесува сериозно кон наводите за цивилни жртви и дека отворил истрага за случајот.
XS
SM
MD
LG