Линкови за пристапност

Ќе ја спречи, или ќе ја испровоцира Северна Кореја?


Севернокорејски војници извикуваат пароли против заедничката воена вежба на САД и Јужна Кореја

Севернокорејски војници извикуваат пароли против заедничката воена вежба на САД и Јужна Кореја

Аналитичари дискутираат за ефектот на американската манифестација на сила на Корејскиот Полустров.

Манифестацијата на сила од страна на САД на Корејскиот полустров би можела да биде контрапродуктивна и да ја испровоцира Северна Кореја, наместо да ја одврати од воинствените закани, смета дел од политичките аналитичари.

САД на редовната годишна воена вежба со Јужна Кореја употребија најсовремени стелт-бомбардери и ловци, го зајакнаа системот на противракетна одбрана во регионот и префрлија два разурнувачи на теледиригирани проектили во близина на брегот на Јужна Кореја.

Официјален Вашингтон истакнува дека мерките се одбранбени и носат порака дека ќе уследи решителен одговор доколку Северна Кореја се обиде да ги оствари заканите против САД, Јужна Кореја и другите сојузници во регионот.

Па сепак, некои аналитичари се убедени ова само може да го зајакне долгогодишното убедување на властите во Пјонгјанг дека Вашингтон се подготвува за инвазија на Северна Кореја.

„Американската политика во моментов навидум целосно се состои од армиско застрашување на Северна Кореја“, коментира Ремко Брукер, професор по корејски студии на Универзитетот Лејден во Холандија.

„Мислам дека е време да се преправат прирачниците за Северна Кореја. Земјата е мошне чувствителна на притисокот однадвор. Тоа не е од помош“, смета Брукер.

Дипломатијата и ангажираноста се најефикасните начини за односите со Северна Кореја, тврди Брукер, наведувајќи го договорот од 1994-та меѓу поранешниот американски претседател Џими Картер и починатиот севернокорејски водач Ким Ил-санг, со кој беше избегната војна, а властите во Пјонгјанг се согласија да ги стопираат нуклеарните активности.

Холандскиот професор мисли и дека најновата американска манифестација на сила всушност може да го убеди севернокорејското раководство дека нуклеарното оружје е клучно за опстанокот на земјата. Како доказ, укажува на најавата од Пјонгјанг дека ќе биде реактивиран нуклеарниот реактор во комплексот Јонгбјон.

Скептицизмот на Брукер во врска со актуелната американска политика не го дели Даниел Пинкстон од Меѓународната кризна група, кој наведува дека „ваквите видови на воени вежби упатуваат мошне јасна порака што ја одвраќа Северна Кореја и значително ја намалува можноста таа насилно да реагира, како што веќе има направено многупати последниов век“.

Пинкстон истакнува дека Северна Кореја и порано се повлекувала кога САД ќе покажат сила. Според него, многу поверојатно е Севернокорејците да нападнат кога ќе почувствуваат слабост.

„Тие го разбираат армискиот баланс и кога ќе увидат дека ќе претрпат тежок удар, се повлекуваат и се однесуваат соодветно. Но, кога ќе почувствуваат слабост, насилно се обидуваат да ги исполнат своите цели“, наведува Пинкстон.

Најновата напнатост се појави откако во декември минатата година, Северна Кореја успешно лансираше сателит. САД и други земји го осудија потегот како параван за забранетото тестирање на проектил од долг домет. Во февруари годинава, земјата го изведе своето трето нуклеарно тестирање, што се смета за уште еден чекор кон намерата таа да стане способна да се закани на главната територија на САД со нуклеарно оружје.

ОН реагираа на тестирањето со тоа што усвоија нови, построги санкции, а тоа ги разгневи властите во Пјонгјанг кои започнаа воена реторика, заканувајќи се со нуклеарен напад врз САД и војна за освојување на целиот Корејски Полуостров.

Американски официјални лица веруваат дека северенокрејскиот млад и нескусен водач Ким Џонг-ан нема да ги исполни заканите, како и дека е свесен дека во залог е неговото останување на власт.

Па сепак, професорот Брукер е загрижен дека ситуацијата може да излезе од контрола доколку и Вашингтон, и Пјонгјанг продолжат да покажуваат сила, без оглед што не сакаат целосна војна.

„САД се најбогатата и најмоќна нација во светот. САД може да се повлечат од сево ова без да им падне угледот, додека Северна Кореја не може. Се` што има е поврзано со оваа конфронтација со надворешниот свет. Не може и нема да се откаже, дури и да биде уништена во процесот“, мисли Брукер.

Засега, има малку знаци дека Северна Кореја ќе се откаже. Неделава, раководството на земјата даде, како што беше соопштено, финално одобрение за напад врз САД, а и префрли ракета на источниот брег, која според проценките е од среден дострел, во подготовка за ново лансирање.
XS
SM
MD
LG