Линкови за пристапност

Американски имам ја критикува Исламската држава за обезглавувањата


Но, вели и дека американските официјални лица мора да сторат повеќе за да покажат дека САД не се во војна против исламот

Главниот имам во Минеаполис, сојузната држава Минесота ги осуди обезглавувањата на заложници што ги изврши Исламската држава (ИД), велејќи дека тоа „не е исламски“.

Шеик Абдирахман Шеик Омар за Сомалиската редакција на Гласот на Америка изјави дека според исламските закони, заложниците имаат права и не треба да се убиваат поради нивната националност.

Тој ја спореди ИД со сомалиската екстремистичка организација Ал-Шабаб, велејќи дека милитантите попрво штетат на исламот отколку што привлекуваат млади луѓе во верата.

„Тие ги убија сите едукатори, убија професори, дури убија имами во џамиите. Убија многу луѓе, многу недолжни луѓе. Во исто време, велат - спасуваме луѓе. Тие убија многу повеќе муслимани од другите. Штетат на исламот, на угледот на исламот“, изјави имамот.

Шеик Омар смета и дека американските официјални лица мора да сторат повеќе за да покажат дека САД не се во војна против исламот. Во тој контекст ја спомена дискриминацијата на муслиманите, особено по терористичките напади на 11-ти септември, велејќи дека нештата како листи на лица на коишто им е забрането патување со авион, „заканувачките“ прашања за секојдневниот живот и набљудувањето на џамиите создале претстава дека САД се борат против муслиманите.

Тоа гледиште, смета имамот, го зголемило бројот на оние коишто се приклучуваат на милитантите: „Мислам дека начинот на којшто надворешната политика на САД ги третира муслиманите, 1,5-те милијарди муслимани во светот, ќе има улога во радикализацијата на младите муслимани. Радикалите велат – САД се борат против муслиманите во светот“.

Шеик Омар смета дека мора да постои начин да се одвои малиот број на радикали од 99,9% од муслиманите коишто само сакаат да ја практикуваат верата и да не бидат “виновни затоа што се муслимани“.

Во 2008-ма, имамот беше обвинет дека им помогнал на Сомалијци да се вратат во земјата и да се приклучат на милитантите како Ал-Шашаб, но тој порекна дела сторил такво нешто. Федералното истражно биро (ФБИ) спроведе истрага за исчезнувањето на дестина лица од сојузната држава Минесота, од коишто поголемиот дел ја посетувале џамијата кадешто тој е имам.

XS
SM
MD
LG