Линкови за пристапност

Како да се реши иранското нуклеарно прашање?


Кери и Нетанјаху на средбата во Рим

Кери и Нетанјаху на средбата во Рим

САД инсистираат на дипломатски пат, Израел бара растурање на контроверзната програма на Техеран.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека иранското нуклеарно прашање може да биде решено по дипломатски пат, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повика на растурање на контроверзната програма на Техеран.

Двајцата коментираа во Рим, на почетокот на средбата што исто така ќе биде посветена и на израелско-палестинските мировни разговори и кризата во Сирија.

Кери рече дека е особено важно Иран да му докаже на светот дека нуклеарната програма е за мирољубиви цели.

„За сите нас е важно Иран да не поседува нуклеарно оружје. Ја поздравуваме неодамнешната реторика, промената на тонот кај иранскиот претседател Рухани и шефот на дипломатијата Зариф. Претседателот Обама јасно стави до знаење дека ќе бара дипломатско решение, но ќе остане внимателен во однос на идните чекори на Техеран“, рече Кери.

Властите во Техеран тврдат дека нуклеарната амбиција на земјата е мирољубива. Но, Израел и меѓународната заедница се загрижени дека Иран се обидува да развие нуклеарно оружје. Иран страда од санкциите од меѓународната заедница и одбива да ја запре програмата за збогатување на ураниум.

Нетанјаху рече дека Иран треба да запре со целиот процес на збогатување ураниум, да го отстрани материјалот за фисија и да ги затвори нуклеарните објекти.

Разговорите во Женева минатата недела меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија завршија со оптимистички тон. Разговорите продолжуваат на 7-ми ноември.

Кери во Рим одвоено се сретна и со италијанскиот премиер Енрико Лета. Двајцата разговараа за извештаите во италијанските медиуми дека американски разузнавачки лица пресретнале телефонски и други комуникациски канали на италијанските државјани.
XS
SM
MD
LG