Линкови за пристапност

По веста за девојчето излекувано од СИДА


Научниците наведуваат дека се работи само за еден случај, но се внимателни оптимисти дека може да биде од помош на другите.

СИДА-та се сметаше за смртна пресуда 1980-те, кога лекарите по првпат ја дијагностицираа. Со научните истражувања, се појави таканаречената тројна терапија со комбинација на лекови, што ја трансформираше СИДА-та во хронично заболување. Сега, пак, со веста дека двегодишно девојче од Мисисипи со агресивна и рана терапија наводно било излекувано од СИДА-та што ја имало уште од раѓање, истражувачите внимателно истакнуваат дека се работи само за еден случај, но се оптимисти дека некои пациенти не ќе мора да се носат со инфекцијата цел живот.

Тимоти Браун, досега единствениот случај на човек излекуван од СИДА, на фотографија од 2011-тата со своето куче Џек

Тимоти Браун, досега единствениот случај на човек излекуван од СИДА, на фотографија од 2011-тата со своето куче Џек

Неидентификуваното девојче од Мисисипи е вториот случај на излечен од СИДА. Тимоти Браун е првиот, но тој мина долг и макотрпен пат. Браун имаше и леукемија. Пресадувањето на коскена срж од донор со ретка мутација истовремено ја излечи и СИДА-та кај Браун.

„Првото пресадување мина добро. Но, второто беше мачно. Не би го посакал тоа ниту на најголемиот непријател“, се присеќава Браун.

За разлика од Браун, девојчето од Мисисипи имало СИДА од раѓање, бидејќи мајка и` била заразена. Примало комбинација на лекови уште од првите денови на животот.

„Ќе биде голема работа ако се покаже дека би можеле да го елиминираме вирусот од бебињата заразени уште од раѓањето“.

Нејзината терапија не била невообичаена, коментира за Гласот на Америка Пол Волбердинг од Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско.

„Примала редовна антиретровирусна терапија, лекови против СИДА-та. Во однос на првиот случај на излечен од СИДА, овој има многу пошироки потенцијални импликации“, смета Болбердинг.

Една од нив е дека раната и агресивна терапија може да го уништи вирусот пред да земе замав. Доколку испитувањата на вториот случај покажат дека тоа е точно, се работи за значителен наод, според професорот Ричард Марлин од Катедрата за јавно здравје на Харвард.

„Се` до пред неколку години, тоа беше незамисливо. Сега, пак, мислам дека сме мошне реални кога говориме дека не само што знаеме дека е зад аголот, туку и дека спроведовме критична маса на истражување“.

„Ќе биде голема работа ако се покаже дека би можеле да го елиминираме вирусот од бебињата заразени уште од раѓањето“, вели Марлин за Гласот на Америка.

Ова би било особено важно во Африка, во областите под пустината Сахара, каде годишно 300.000 новороденчиња доаѓаат на овој свет заразени од СИДА.

Марлинк додава дека не само што ќе се спасат животи, туку и ќе се елиминира трошокот на долготрајната терапија.

„Не ќе мора да примаат терапија цел живот, да се носат со токсичноста и цената на терапијата“, вели Марлин.

Научните истражувачи денес не говорат само за третман на СИДА-та, туку и за излекување од неа.

„Се` до пред неколку години, тоа беше незамисливо. Сега, пак, мислам дека сме мошне реални кога говориме дека не само што знаеме дека е зад аголот, туку и дека спроведовме критична маса на истражување“, резонира Пол Волбердинг од Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско.

Истражувачите се надеваат дека како што дојдоа позитивни вести за бебињата заразени од СИДА, еден ден ќе стигнат исти такви и за - возрасните.
XS
SM
MD
LG