Линкови за пристапност

По 16-дневен прекин, американската влада повторно отворена


Членови на Претставничкиот дом излегуваат од Конгресот по синоќешното гласање што стави крај на буџетската блокада во Вашингтон

Членови на Претставничкиот дом излегуваат од Конгресот по синоќешното гласање што стави крај на буџетската блокада во Вашингтон

Со политички компромис во минута до дванаесет избегната ситуација во која земјата ќе немаше пари да си плати сметките.

Американската влада по 16-дневно делумно затворање денес повторно започна со работа, откако Конгресот во последен момент постигна компромис за владиниот буџет и истовремено избегна ситуација во која земјата не ќе имаше пари да си плати сметките.

Претседателот Барак Обама рано утрово стави потпис на мерката со која владата доби буџет за да може да работи барем до 15-ти јануари, а истовремено беше зголемена крајната граница на задолжување со што земјата ќе може да си ги подмири финансиските обврски барем до 7-ми февруари. Во меѓувреме, законодавците ќе преговараат за кратење на владините трошоци.

Мерката доцна синоќа мина во Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците, со 288 гласови „за“ и 144 „против“, откако претходно беше усвоена во Сенатот, каде мнозинство се демократите, со сооднос 81 - 18.

Вработените во федералната влада добија информација денес да се вратат на работа. Инстутицијата Смитсониан, чии музеи се наоѓаат долж Националното шеталиште во центарот на Вашингтон, преку Твитер порача дека тие денес ќе продолжат со работа, а Националната зоолошка градина ќе ги отвори вратите за посетителите утре.

Обама се заблагодари и на демократските, и на републиканските водачи во Конгресот и истакна дека сега треба повторно да се добие загубената доверба на американскиот народ.

Водачот на сенатското мнозинство во Претставничкиот дом, Хари Рид, и првиот човек на републиканците во ова тело, Мич Меконел, вчера конечно постигнаа договор за предлог-мерката, еден ден пред да истече рокот за зголемување на границата на национално задолжување.

Рид кажа дека владиното затворање и нервозата поради пробивањето на рокот биле резултат на вештачки предизвикана криза што без потреба донесе проблеми за земјата. Доколку Конгресот не ја зголемеше границата на задолжување, САД ќе немаа пари да си платат сметките.

Владата затвори на 1-ви октомври, кога Сенатот го отфрли барањето на Претставничкиот дом да се укине финансирањето или пак да се одложи стапувањето на сила на законот за здравствена заштита, што беше донесен по иницијатива на претседателот Обама. Републиканците сакаа ваквото нешто да биде дел од новиот владин буџет. Обама веднаш реагираше дека нема да преговара за никакви промени, се` додека не отвори владата.

Претседателот на Претставничкиот дом и републиканец Џон Бејнер синоќа коментираше дека неговите сопартијци дале се` од себе во битката да издејствуваат преговори за, како што стана познат законот, Обамакеар. Тој најави дека неговата партија ќе продолжи да притиска за контрола на законот и дека и натаму ќе ги истакнува, како што сметаат републиканците, пропустите во него.
XS
SM
MD
LG