Линкови за пристапност

Владата би можела да затвори доколку Белата куќа и Конгресот не се договорат за задолжувањето и трошоците.

Американската влада се наоѓа пред клучни крајни рокови наредниве неколку недели, од кои зависи нејзиното финансирање во новата фискална година што започнува во октомври, како и крајната граница на тоа колку може да се задолжи земјата.

Владата соопшти дека кон средината на октомври ќе истече нејзиното овластување да позајмува, бидејќи се приближува кон тековната крајна граница на задолженост од $16.7 трилиони долари. Тоа е околу две недели подоцна од крајниот рок до кој Конгресот и Белата куќа треба да се договорат за годишниот план за трошоците за фискалната година што започнува на 1-ви октомври, иако претседателот Барак Обама и конгресните претставници би можеле да постигнат и краткорочна спогодба и со тоа да ја одложат конечната одлука за подоцна годинава.

Доколку не постигнат договор по обете прашања - за задолжувањето и трошоците - може да се случи владата делумно да затвори за работа и да нема доволно средства да ги плати сметките.

Жестоките политички битки во Вашингтон за даноците и трошењето станаа периодична тема во досегашните 4,5 години од претседателскиот мандат на Обама, во основа дебата за големината и улогата на владата. Белата куќа заговара повисоки даноци за богатите, на што остро се противат републиканските противници на Обама во Конгресот, кои бараат длабоки кратења во домашните програми.

Преговорите меѓу двете страни напати траеа до „минута до дванаесет“, пред конечно да биде постигната спогодба за најитните прашања. Па сепак, Обама и конгресните водачи не успеаја да најдат заеднички јазик за пошироките економски реформи, особено за промените на даночната регулатива, трошоците за владината пензија и здравствената заштита за сиромашните и пензионираните работници.

Водачот на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом, Џон Бејнер, повика на краткорочен договор за трошоците, така што на 1-ви октомври владата би можела да продолжи со работа, но затоа кажа дека секакво зголемување на крајната граница на задолжување мора да биде проследено и со натамошно кратење на трошоците, за да се намали националниот долг. Некои републиканци повикаа да се укине законот за здравствена заштита, донесен по иницијатива на Обама, а што целосно стапува на сила во октомври, тврдејќи дека тоа ќе придонесе да се заштеди. Обама и демократските претставници во Конгресот се против.

Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни понеделникот изјави дека Обама би преговарал со Конгресот за буџетот за 2114-та, но не и за кревањето на крајната граница на задолжувањето.

„Да ја повторам нашата позиција, која е недвосмислена. Нема да преговараме со републиканците во Конгресот за обврската на Конгресот да ги плати сметките што ги има насобрано. Точка“, рече Карни.
XS
SM
MD
LG