Линкови за пристапност

Во САД пораснале и невработеноста и платите


Стапката на невработеност се зголемила до пет проценти, а креирани се нови 156 илјади работни места

Извештајот на Одделот за труд за септември покажува дека американската економија додала 156 илјади работни места како и мало зголемување на стапката на невработеност, што достигнала пет проценти.

Невработеноста се зголемила за една десетина од процентот, бидејќи голем број луѓе почнале да бараат работа, иако не сите нашле работно место.

За официјално невработени во САД се сметаат само оние кои веднаш може да почнат да работат и кои активно барале работа во последните четири недели. Економистите велат дека посилен пазар на труд ги охрабрува луѓето да ја продолжат потрагата по работа а тоа може да ги крене цифрите на невработеност.

Бројот на новоотворени работни места во септември е помал во споредба со просекот до сега оваа година, но податоците покажуваат зголемување на сумата што се плаќа по час за 2,6 отсто во изминатава година, што значи дека овој раст е побрз од скромната стапка на инфлација.

Според извештајот 7,9 милиони Американци се без работа. Дополнителни 5,9 милиони луѓе работат со скратено работно време иако би сакале да работат со полно работно време.

Позитивни извештаи од пазарот на трудот одат во корист на политичката партија на власт, која се обидува да ги убеди гласачите дека добро ја води економијата. Лошите економски вести обично ги тераат гласачите да мислат дека е време за промена на раководството.

Овој извештај ја усложнува задачата на Централната банка на САД, која ги држи каматните стапки на исклучително ниско ниво од рецесијата наваму, во обид да го зајакнат економскиот раст. Голем број експерти очекуваат кревање на каматните стапки во декември.

XS
SM
MD
LG