Линкови за пристапност

Владини лица во медиумите го дискутираат доверливиот документ „Проценка на националното разузнавање“.

Американски официјални лица наведуваат дека нов владин извештај ја изложува заканата од хакерите по економијата на земјата, со Кина како очигледен предводник меѓу земјите во кибернетските напади.

Владини лица за американските медиуми го опишаа доверливиот документ „Проценка на националното разузнавање“, по што Вашингтон пост синоќа објави дека хакерите целат на различни сектори: енергетиката, финансиите, информациската технологија, воздушниот и автомобилскиот сообраќај.

Според одредени проценки, штетата по американската технологија е десетици милијарди долари годишно. Но, со тоа што компаниите понекогаш не сакаат да објават дека биле нападнати од хакери, не се знае вистинската цена.

Брад Глосерман од советодавната организација Пацифик форум, со седиште на Хаваите, за Гласот на Америка коментира дека е тешко да се идентификува вистинскиот извор на кибернетската шпионажа, како и дека на нападите е ранлив широк опсег на сектори.

„Бездруго, нападите се во пораст. На некој начин, нагаѓаме од каде доаѓаат. Што се однесува до ранливоста на финансискиот сектор, би претпоставил дека тоа е точно, но би рекол дека постои ранливост долж целата американска економија. Проблемот е што многумина не сакаат да говорат за ова - или не знаат дека се нападнати, или пак не сакаат нивната ранливост да добие публицитет“, вели Глосерман.

Белата куќа размислува како да реагира, а меѓу можните одговори се трговски санкции и визни рестрикции. Вашингтон пост наведува дека се очекува претседателот Барак Обама оваа недела да издаде извршна наредба за кибернетската безбедност, која би била насочена кон тоа да му помогне на приватниот сектор против хакерските напади.

Вашингтон пост изнесува и дека владиниот извештај ги наведува и Русија, Израел и Франција како земји кои вршеле кибернетски напади за економско разузнавање. Весникот претходно објави дека неговиот компјутерски систем бил нападнат од кинески хакери, а истото го јавија и Волстрит џурнал и Њујорк тајмс. Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги неосновани и неодговорни.
XS
SM
MD
LG