Линкови за пристапност

Фестивал на идеи во Аспен


Годинава во фокусот беа односите САД – Кина

Агресивната кинеска политика во соседните води и во кибернетскиот простор, се најголемите препреки во актуелните односи на Кина со САД, беше кажано на овонеделниот Фестивал на идеи, што секоја година ова време се одржува во Аспен, Колорадо.

Американскиот заменик-советник за национална безбедност, Бен Роудс и републиканскиот сенатор Линдзи Грем, кој е и кандидат за претседателска номинација од редовите на републиканците, зборуваа на настанот што редово привлекува лидери од цел свет од различни области на експертиза. Целта на овој собир е размена на идеи и дискусији по разни прашања.

Роудс истакна дека САД и Кина се меѓусебно позависни, отколку што се мисли и покрај областите каде се разидуваат, како човековите права и други прашања.

„Иако ставовите ни се разликуваат, доколку дојде до конфликт, ќе страдаме многу“, вели тој. „Она што со Кинезите го правиме со години е идентификување на прашањата на кои можеме заедно да работиме и да ги третираме попозитивно и поодговорно“.

Во моментов климатските промени се пример за еден таков напор, преку таканаречениот „стратешкиот дијалог“, што минатата недела се одржа во Вашингтон. Роудс додаде дека проблемот на климатските промени не може да се реши без Кинезите.

Но според него кибернетската безбедност е главната точка за потенцијален конфликт меѓу САД и Кина.

„Знаеме дека Кина е присутна во кибернетскиот простор, од каде краде и шпионира, но овде станува збор за интелектуален имот и средства, што само им отежнува на американските бизниси“, вели Роудс. Велиме дека Кинезите креираат средина што на крајот е штетна за нас, бидејќи американските бизниси треба да имаат доверба дека можат да инвестираат и соработуваат со Кина, без притоа да бидат ограбени од трговските тајни“.

Сенаторот Грем смета дека Кина и Русија не им помагаат на САД во решавањето на светските прашања.

„Мислите ли дека мешањето на Кина во богатите со ресурси води, за кои други велат дека се во нивна сопственост, е од помош?“ запраша тој. Не гледам дека Кина и Русија помагаат, иако би сакал тоа да биде случај“.

Откако Кина со децении е во територијални спорови со своите азиски соседи околу островите во Јужното Кинеско Море, Роудс вели дека американската стратегија е да се соработува со азиските земји и да се постават одредени правила во Азиско-пацифичкиот регион.

„За САД, да се работи на поставување на ред и почитување на правилата, не значи дека треба директно поплаките да ги насочиме кон Кинезите или пак да организираме свои воени вежби за да ја изразиме нашата определба за слободата во водењето на политиката“, рече Роудс.

„Целта е да соработуваме со другите земји во регионот“, додаде тој, „за да ги приближиме ставовите околу тоа како ќе ги решиме тие проблеми, согласно меѓународното право, бидејќи ќе биде многу потешко за една голема земја да омаловажува помала, ако овие држави имаат слични ставови по спорните прашања“.

XS
SM
MD
LG