Линкови за пристапност

Клинтон и Трамп: последен ден на маратонската кампања


Трамп во моментов е на кампања по пет сојузни држави - Пенсилванија, Мичиген и Северна Каролина, Флорида и Њу Хемпшир, а Клинтон ќе посети три од нив – Пенсилванија, Мичиген и Северна Каролина

Претседателската кампања е речиси при крај, но и демократката Хилари Клинтон и републиканецот Трамп ги интензивираат собирите пред денот на изборите.

Трамп во моментов е на кампања по пет сојузни држави: Пенсилванија, Мичиген и Северна Каролина, Флорида и Њу Хемпшир, а Клинтон ќе посети три од нив – Пенсилванија, Мичиген и Северна Каролина.

Сите пет сојузни држави важат за неопределени и трката во нив е тесна. Исходот од секоја од нив можно е да има клучна улога во тоа кој ќе биде 45-от претседател на САД.

„Ова е тесна и компетитивна трка, но не е 50-50“, вели политичкиот аналитичар Нејтан Гонзалес за Гласот на Америка. „Има големи изгледи Клинтон да победи“.

Анкетите на национално ниво и натаму покажуваат дека Клинтон има мало, но конзистентно водство од околу 2 до 3 проценти, но претседателските избори се одредуваат откако ќе се добијат резултатите од секоја од 50-те сојузни држави и главниот град Вашингтон. Најнаселените држави имаат и најмногу делегати во Изборниот колеџ, каде за победа на кандидатот му се потребни најмалку 270 од 538 изборни гласови.

Гонзалес истакна дека Трамп треба да има подобар исход во повеќе сојузни држави и тоа во клучните, а бројни аналитичари велат дека Клинтон води или е близу до освојување на доволен број сојузни држави за да стигне до бројката од 270, додека Трамп треба да добие неколку од нив, каде таа во моментов е во благо водство. Според Гонзалес, Клинтон не мора да победи во сите неопределени избори.

Нарекувајќи ја нелигитимна, Трамп реагираше по одлуката на директорот на ФБИ Џејмс Коми, да не покрене кривично обвинение против Клинтон по најновите електронски пораки поврзани со приватниот сервер на кандидатката.

За време на говор во Вирџинија, Трамп истакна дека не може да се евалуираат 650.000 имеил пораки за осум дена.

Во обраќање во Флорида, републиканскиот кандидат кажа дека ако ФБИ нема да покрене случај против Клинтон, „зависи од американската јавност да донесе правда на гласачките места“, со тоа што ќе гласа против неа.

На кампањата во Питсбург, Пенсилванија, Клинтон го критикуваше ставот на нејзиниот ривал за поделеност на земјата, а поддршка повторно и` даде претседателот Барак Обама, којшто се обрати пред нејзините симпатизери во Ен Арбор, Мичиген.

За утревечер е најавен голем собир на кампањата на Клинтон во петтиот по големина град во САД, Филаделфија, каде ќе настапи и рок-ѕвездата Брус Спрингстин.

Обете кампањи ќе имаат настани и во вторник. Трамп во Мичиген, а Клинтон во Северна Каролина.

XS
SM
MD
LG