Линкови за пристапност

Денес погребот на Фреди Греј


25-годишникот почина во Балтимор откако полицијата го приведе. Случајот предизвика нови протести и прашања за односот меѓу малцинствата и полицијата

Денес во Балтимор, сојузната држава Мериленд ќе биде погребан 25-годишниот Фреди Греј, којшто почина на 12-ти април откако полицијата го приведе. Неговиот случај е најновиот во серијата инциденти коишто предизвикаа протести и прашања за односот меѓу малцинствата и полицијата во САД.

Семејството, пријателите и членовите на локалната заедница синоќа одржаа комеморација за Греј, две недели откако доби тешки повреди на `рбетот по приведувањето, а потоа почина во болница. Се` уште е нејасно како дошло до повредите. Властите наведоа дека тој не бил врзан со сигурносен појас при транспортирањето во полициско комбе.

Демонстрациите во Балтимор во врска со случајот во најголемиот дел минаа мирно. Но, саботата беа искршени неколку излози на продавници и оштетени возила. Полицијата уапси најмалку 34 лица.

Шесторица полицајци, коишто биле вклучени во приведувањето на Греј, се ставени на платено отсуство додека трае истрагата. Американскиот Оддел за правда истовремено истражува дали дошло до прекршување на граѓанските права на Греј. Полицијата во Балтимор најави дека ќе даде повеќе информации за случајот подоцна неделава.

Конгресменот Илаја Камингс од Мериленд, во чијашто област спаѓа Балтимор, вчера за ТВ-мрежата ЦБС изјави дека односот меѓу полицијата и заедниците е кауза на граѓанските права за денешната генерација. Тој рече дека се` уште не е целосно јасно како бил уапсен Греј и дека целата ситуација е „мошне вонземирувачка“.

Градоначалничката Стефани Ролингс-Блејк петокот рече дека сака да дознае зошто полицајците наводно не го почитувале правилото - сите приведени во полициско комбе за време на траснпортирањето да бидат врзани со појас и зошто полицајците не повикале лекарска помош откако Греј тоа го побарал.

XS
SM
MD
LG