Линкови за пристапност

Протести во Балтимор


Демонстрантите бараат одговорност во случајот на 25-годишниот Фреди Геј којшто почина откако полицијата го уапси

Стотици лица синоќа протестираа на улиците во Балтимор, сојузната држава Мериленд, барајќи правдата да биде задоволена во случајот на 25-годишниот Фреди Греј којшто почина неделата откако полицијата го уапси.

Демонстрантите во Балтимор најавија дека ќе продолжат со протестите се` до крајот на оваа недела. Скандирајќи „Дење - ноќе, бараме правда за Фреди Греј“, тие го започнаа протестот пред Градскиот совет и седиштето на полицијата и минаа низ неколку соседства.

Вилијам Марфи Џуниор, адвокатот на семејството Греј, за Гласот на Америка изјави дека `рбетот на Фреди бил речиси раскинат по апсењето на 12-ти април. Се` уште не е позната причината за неговите фатални повреди, а за случајот се води истрага на локално и на федерално ниво.

Местото на апсењето се претвори во свовиден споменик за Греј: стврднат восок од безбројните свеќи, оставени цвеќиња, шишиња со алкохол...

Се` се случило за неколку минути: кога ги здогледал полицајците, Греј започнал да бега. Тие го фатиле, нашле дека носи автоматски нож, и го одвлекле во полициското комбе.

„Се` што полицијата соопшти е дека остварил визуелен контакт со нив, започнал да бега, а полицајците пошле по него. Тоа не исполнува ниту еден законски стандард за нечие запирање или апсење“, оценува адвокатот Марфи. „Овој млад човек единствено погрешил што кога бегал од полицијата, не трчал побрзо“.

Шест полицајци се ставени на платено отсуство од работа додека истрагата се обидува да утврди што ја причино смртта на Греј по апсењето.

Жителите на областа Сендтаун, каде што Греј беше уапсен, за гласот на Америка велат дека бараат одговори за, како што наведуваат, долгогодишната напнатост меѓу полицијата и црнечката заедница.

Мелиса живее во Сендтаун. Вели, сјајот на полициските значки одамна потемнел. За неа, нерешеното убиство со нож на нејзиниот братучед минатата година ја прави ситуацијата уште потешка.

„Дадоа значки на насилници, да тероризираат“, вели Мелиса, стоејќи пред споменикот на Греј.

За неа, нема правда, дури ни во одлуката полицајците да се стават на платено отсуство.

„Суспендирани, но со плата? Што е тоа? Им давате платен одмор затоа што убиле некого?“, прашува Мелиса.

Шон, исто така жител на Сендтаун, којшто го затекнавме крај споменикот, вели дека израснал стравувајќи од полицијата.

„Затоа бегаме, бидејќи знаеме дека доколку не почнеш да трчаш, има 90% шанса да те затворат“, резонира Шон. „Жално е што мораше да дојде до овој смртен случај, па јавно да се прошири она за коешто говориме со години“.

Полицијата во Балтимор вети дека ќе даде одговори на отворените прашања до наредната недела. Друго лице коешто се наоѓало во комбето се третира како сведок, според полициски избори. Медиумите истакнуваат дека еден од клучните моменти во случајот ќе биде да се утврди дали полицајците го врзале Греј со појас во комбето, пред да го транспортираат.

Владиниот Оддел за правда неделава соопшти дека ќе покрене одвоена истрага, по серијата смртоносни инциденти коишто покренаа наводи за злоупотреба на полициските овластувања во интервенции против членови на малцинските заедници.

„Не може да го вратиме Фреди“, вели адвокатот Марфи. „Но, ова трагедија е можност и поттик да се стори потребното. Не е праведно тоа да биде во замена за еден човечки живот, но во исто време, ќе значи и дека не загина залудно“.

XS
SM
MD
LG