Линкови за пристапност

САД имаат потреба од информатички кадар


Компаниите на Средниот Запад веќе десет години зависат од имигрантите од Индија, Пакистан...

Истражувачкиот центар Пју неодамна објави студија според која Азијците ги надминале латино-Американците како најбрзо растечкото имигрантско население во САД. На американскиот Среден Запад, азиските имигранти последнава деценија го пополнуваат вакуумот од високообразовен кадар.

И покрај забавената економија, менаџерот Пит Тапаскар има проблем да ги пополни празните места во неговата информатичка фирма ПроСофт од предградието на Чикаго.

„Не добиваме доволно ресурси на локално ниво. Зависиме од Индија, Пакистан и насекаде каде ресурсите се достапни“, се доверува Тапаскар.

Околу 80% од работната сила во ПроСофт доаѓа надвор од САД, претежно од Индија. Зголемената потреба од образовен кадар од информатичката технологија ги принудува компаниите како ПроСофт да вработуваат од држави како Индија, каде има искусни дипломирани инженери во изобилство.

Тој тренд ја менува сликата во САД.

„Не се само Кинезите Азијци“, коментира Шоџи Метју, кој дошол во Чикаго од Индија пред повеќе од 10 години. Во Чикаго живее третата најголема индиско-американска заедница во САД и станува се` побројна.

„90% од работните визи се издаваат на Индијци“, вели Метју.

Тој дошол пред пописот во 2000-та и работел на спречување на компјутерскиот проблем познат како „Милениумска бубачка“.

„Дојдов на виза од типот Х1-Б што се дава на лица од информатичкиот сектор. Тогаш имаше голема потреба од вакви инженери. Во САД постоеше дефицит на таков кадар“, се присеќава Метју.

Вели, дефицитот и натаму постои, така што многумина со работната виза Х1-Б решиле да останат. Денес, и покрај зголемената побарувачка за информатички кадар од Јужна Азија, не се издаваат доволно визи, се надоврзува Пит Тапаскар.

„По 11-ти септември 2001-ва, имиграциониот систем претрпе промени. Намалени се квотите за високообразовниот кадар од странство“, тврди Тапаскар.

Според овој бизнисмен, процесирањето на визите трае подолго, што само надодава во застојот при најмувањето на работна сила од странство.
XS
SM
MD
LG