Линкови за пристапност

СОНК тврди е под притисок, но утре ќе протестира

  • Синиша Станковиќ

Дел од плакатата на СОНК што повикува на штрајк

Дел од плакатата на СОНК што повикува на штрајк

Штрајкот со глад на тројцата професори во Штип, што трае веќе 21, разбранува и обвинувања по медумите

„Утре напладне ќе дојдеме во Скопје, на протестот што во наша поддршка го организира Синдикатот за образование, наука и култура. Иако гладувањето, еве веќе 21 ден, ни ја загрозува здравствената состојба, мора да бидеме присутни на протестот што ќе започне симболично во пет минути до 12, за уште еднаш да покажеме дека не се откажуваме од борбата за нашите права кои ни припаѓаат според законот“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик д-р Крсте Шајноски, еден од троцата професори на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Тој штрајкува заедно со колегите д-р Маргарита Матлиеска и д-р Александар Костадиновски.

Во телефонскиот разговор, д-р Шајноски кажа: „Имаме навистина мошне силна мотивација да успееме, затоа што знаеме дека сме во право и дека ни се нанесува неправда со безаконието и самоволието кое владее на Универзитетот“.

Наспроти утре најавениот голем протест во Скопје, Претседателството на СОНК подвлече дека опстојува на обидите да се изврши притисок врз синдикалното членство, и дека продолжува со поддршката за тројцата штипски универзитетски професори, но истакнува и свои барања, како што се „срамно ниските плати, непочитувањето на колективните договори, губењето на автономијата на универзитетите...“. За сите проблеми СОНК упатил барања до надлежните инситуции, а доколку властите останат неми, синдикалците не ја исклучуваат можноста учебната година на 1-ви септември, за професорите да започне на улица.

Според претседателот на СОНК Јаким Неделков, нивните анализи покажале дека се се` пожестоки притисоците врз членството, коешто, според Статутот на СОНК, има и обврска да излезе на јавен протест.

„Никој во оваа наша држава не смее да издаде никаква наредба за бојкотирање и неизлегување на јавниот протест. Имаме индиции, укажувања и кажувања дека притисоците се вршат на многу места, насекаде во сите локални самоуправи, во сите општини и тоа преку директорите. Не сакаме да излегуваме со поконкретни информации, се` додека не обезбедимее цврсти докази за овие притисоци. Кога ќе ги обезбедиме доказите ќе ги обелодениме. Ќе кажеме во кои градови, кој со име и презиме и никој нема да се затскрие зад моќта што ја поседува во моментот. Но, никој не може да ни го забрани правото на протест кое е уставно и демократско право. Имеме информации дека една третина од членовите нема да дојде што значи дека притисоците се жестоки, а тие ќе се засилат во текот на денешниот и утрешниот ден“, изјави Неделков.

ТВ Нова објави мејл порака со која директор на училиште во Прилеп наводно ги предупредувал вработените да не одат на скопскиот протест, потенцирајќи „дека штрајкот не смее никако да се случи и никако да се поддржи“.

Од друга страна, неколку портали објавија текст, според кој, наводно, „студенти и пензионери добивале мејл-покани да штрајкуваат во име на СОНК, за да се наполнат автобусите и да се добие масовност“. Прашувајќи се, „за кого и за чии интереси штрајкува СОНК“, порталите тврдат дека протестите имаат сомнителна заднина и дека целта им е „многу поголема од наведената - да се бранат правата на тројцата професори“.

Паралелно, ректорот на Универзитетот Гоце Делчев, д-р Саша Митрев, во неколку дневни весници откупил страници рекламен простор за да ги повика штрајкувачите да ги достават на увид на јавноста документите со коишто не бил извршен нивен реизбор и добиле отказ од деканот. Реагирајќи на ова, штрајкувачите потенцираат дека се работи за „уште една крајно дрска и арогантна постапка на ректорот“.

„Да се трошат парите на универзитетот за дефокусирање на јавноста, наместо да се постапи според законот и да се спроведе одлуката на Државниот просветен инспекторат, е, едноставно, постапка што не му доликува на еден ректор на државен универзитет“, изјави д-р Шајноски во телефонскиот разговор.

Покрај левичарското здружение „Солидарност“ и „Младинскиот образовен форум“, поддршка на утрешниот протест на СОНК даде и Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија. Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис, во текст за проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија - „Сервис за проверка на факти“, напиша: „Штрајкот на Шајновски, Матлиевска и Костадиновски веќе не е само нивен штрајк. Тоа е штрајк на сите во образованието, но не само во образованието. Исходот на оваа синдикална борба ќе ги засегне сите и затоа е многу важно таа да биде успешна. Иако со самиот факт дека некој се реши за најдраматичниот облик на отпор, на сметка на сопствениот комфор и сопственото здравје, наспроти традицијата за молчење и трпење, е успех сам по себе... Затоа, ова веќе не е борба за само за работни позиции, тоа е борба за човечко и професионално достоинство, за право да не се биде понижуван и да не се молчи. Поддршката доаѓа бавно, но, сепак, доаѓа. Таа често не е јавно артикулирана, уште помалку за неа се информира, но е присутна“.

XS
SM
MD
LG