Линкови за пристапност

ОМД на средба со политичките партии

  • Борјан Јовановски

За изборните реформи и начинот на којшто би гласала дијаспората

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) оствари средби со партиите-потписнички на Договорот од Пржино како и со олеснувачот во разговорите на Работната група, Питер Ванхоуте, со цел директно да биде информирана за актуелните разговори околу начинот на којшто дијаспората ќе учествува во изборните процеси.

Александар Митрески од ОМД за Гласот на Америка изјави дека денеска се сретнал со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и, како што нагласи, добил уверување дека партиите се залагаат дијаспората да има право да учествува во изборните процеси и на тој начин да има пратеници во Собранието коишто ќе се залагаат за афирмирање на интересите на дијаспората.

На последните избори, тројцата пратеници од дијаспората беа избрани со вкупно 7.000 гласови. Оваа мала бројка проблематизираше два аспекти на учеството на дијаспората на изборите.

Првиот, за принципот на нееднаквоста на гласот во дијаспората и оној во Македонија. Еден од пратенците од дијаспората беше избран со само 700 гласови, наспроти 8.000 гласови коишто му се неопходни за избор на кандидат за пратеник во Македонија, вели анализата на невладината МОСТ.

Вториот аспект е малиот одзив на дијаспората на изборите во 2014-та, којшто делумно се должи на малиот број на избирачки места на коишто припадниците на дијаспората можат да го дадат својот глас. Во Северна Америка, на пример, имало само три избирачки места, велат во ОМД.

Анализата на МОСТ како проблем ја издвојува и високата цена на организацијата на овие избори, 1,1 милион евра, што преставува 25% од вкупните трошоци за изборниот процес. Дека оваа цена е превисока се согласуваат и во ОМД, но велат дека е мошне важно да го задржат своето право на глас и дека се потребни реформи во актуелниот систем. Александар Митрески од ОМД смета дека е потребно да се обезбеди електронско гласање со коешто би се намалиле трошоците, а воедно би се овозможило учество на поголем број процент на припадници на дијаспората во изборниот процес.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG