Линкови за пристапност

Обама во ОН побара крај на екстремизмот


Американскиот претседател ги критикуваше Сирија и Иран во обраќањето на Генералното собрание.

Американскиот претседател ги повика глобалните лидери “енергично да проговорат против насилството и екстремизмот“, велејќи дека светот може да напредува само преку толеранција и слобода.

Барак Обама посвети поголем дел од обраќањето на 67-то заседание на Генералното собрание на ОН на неколкунеделните насилни протести предизвикани од антимуслимански филм направен во САД. Тој ги повика делегатите да ги маргинализираат оние кои ја користат омразата како политичко оружје.

„Ако сме сериозни дека сакаме да ги одржиме овие идеали, не ќе биде доволно да поставиме повеќе стражари пред амбасада, или да издадеме соопштение во кое изразуваме жалење, или пак да чекаме да мине гневот. Ако сме сериозни во однос на овие идеали, мора искрено да проговориме за подлабоките причини на оваа криза“, рече Обама.

За видеото објавено на Интернет што се потсмева на пророкот Мухамед, Обама рече дека е грубо и одвратно, но додаде дека тоа не оправдува пролевање на недолжна крв, како онаа на американскиот амбасадор во Либија Кристофер Стивенс, кој беше убиен во нападот на Конзулатот во Бенгази.

Првиот човек на САД повика и на крај на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

„Во Сирија, иднината не смее да припаѓа на диктатор кој врши масакр над својот народ. Доколку има случај што итно налага протест во светот денес, тоа е режимот кој измачува деца и гранатира станбени згради“, рече Обама.

Тој го предупреди и Иран дека САД „ќе сторат што мора да сторат“ за да ја спречат земјата да дојде до нуклеарно оружје.

„Да нема забуни: нуклеарно вооружен Иран не е предизвик што може да се изолира. Би бил закана за елиминација на Израел, по безбедноста на земјите од Заливот и по стабилноста на глобалната економија“, рече Обама на Генералното собрание на ОН.
XS
SM
MD
LG