Линкови за пристапност

Инспекторите на ОН на местото на наводниот хемиски напад во Сирија


Од снимка што ја објавија сириски активисти, на која наводно инспектор на ОН разговара со жител на Моадамија, предградие на Дамаск.

Од снимка што ја објавија сириски активисти, на која наводно инспектор на ОН разговара со жител на Моадамија, предградие на Дамаск.

Посетиле импровизирана болница, разговарале со преживеани и зеле примероци за тестирање.

Група инспектори на ОН стигна во предградието на Дамаск каде ќе се сретнe со погодените од наводниот напад со хемиско оружје, откако сириската влада го одобри барањето да и` овозможи пристап до местото.

Сириската државна телевизија јави дека војската ги придружувала инспекторите на патот за југозападното предградие Моадамија, едно од неколкуте области под контрола на бунтовниците што биле нападнати на 21-ви август.

Според сириски опозициони активисти, екипата на ОН посетила импровизирана болница во Моадамија, каде разговарала со преживеани во нападот и зела примероци за тестирање.

Бунтовниците и сириската влада взаемно се обвинуваат за убиството на стотици цивили во случајот.

Западните сили веруваат дека за нападот се одговорни силите верни на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Првите луѓе на САД, Британија и Франција разговараат за тоа како да реагираат, со што расте можноста Западот армиски да интервенира во сирискиот судир кој трае веќе две години.

Русија, која е главниот сојузник на Сирија, смета дека западните сили не може да дадат никакви докази дека сириската влада нападнала со хемиско оружје. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров денес го обвини Западот за хистерија и предупреди дека секаква армиска акција против официјален Дамаск би била тешко прекршување на меѓународното право.
XS
SM
MD
LG