Линкови за пристапност

Палестинците и натаму инсистираат на држава


Палестинците и натаму инсистираат на држава
Палестинците и натаму инсистираат на држава

Палестинците го изнесуваат барањето за држава пред Обединетите нации неделава. Нивните лидери планираат да побараат полноправно членство, иако веќе добија на знаење дека САД ќе го блокираат обидот.

По години разговори со Израел во обид да се добие државност, Палестинците се решија на друга стратегија. Тие велат дека одат во ОН да бараат статус на полноправна членка. Планот предизвика критика од Израел и од САД, кои инсистираат дека државност единствено може да биде постигната преку билатерални преговори.

Долгогодишниот палестински законодавец Ханан Ашрави вели дека Палестинците имаат право на тоа:

„Не ни треба дозвола од Израел. Правото на самоопределување, и државност, и суверенитет стои во Повелбата на ОН и во меѓународното право. Ние ги исполнивме условите за државност според Конвенцијата од Монтевидео и Повелбата“, вели таа.

Механизмот за признавање државност во ОН е специфичен. Се предлага резолуција. Резолуцијата се праќа до Советот за безбедност, каде се проучува и потоа се гласа за праќање на мерката до Генералното собрание во пон состав. Потребно е две третинско мнозинство од членството да се изгласа статус на држава.

Но САД соопштија дека ќе стават вето за запирање на резолуцијата во Советот за безбедност. Ако тоа се случи опција за Палестинците е да бараат статус на набљудувачи, што не е полноправно членство.

Членство во ОН без право на гласање е сепак подобрување на статусот, зашто дозволува пристап до комисиите и телата на ОН.

Според Грем Бенерман од Институтот за Блискиот исток, тоа на Палестинците би им дало поголема тежина на преговарачката маса со Израелците.

„Никој не верува дека ќе се дојде до палестинска држава, целосно признаена од меѓународната заедница, без преговори со Израелците. Прашањето е дали тоа ќе им даде поголема моќ отколку што сега го имаат како слаб ентитет спрема силната држава Израел?“, коментира Бенерман.

Од друга страна Вашингтон на Палестинците им даде речиси 500 милиони долари во 2010 – што сега станува дискутабилно дали ќе продолжи. Палестинците велат дека тоа нема да ги натера да се предомислат.

XS
SM
MD
LG