Линкови за пристапност

Со нов мировен план, Меркел и Оланд на средба со Путин во Москва


Меркел и Оланд на вчерашната средба со Порошенко во Киев

Меркел и Оланд на вчерашната средба со Порошенко во Киев

Бајден во Брисел ја обвини Русија дека го ескалира судирот во Украина „со тоа што испраќа платеници и тенкови“

Првите луѓе на Германија и Франција се во Москва за да претстават нов мировен предлог што би ставил крај на се` позачестените борби меѓу украинските сили и проруските сепаратисти во источна Украина близу границата со Русија.

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд ќе го претстават предлогот на рускиот претседател Владимир Путин, еден ден откако во Киев се сретнаа со украинскиот претседател Петро Порошенко којшто ужива поддршка од Западот.

Меркел пред средбата рече дека предлогот има цел да го одбрани европскиот мир.

„Убедени сме дека нема воено решение на овој судир, но исто така знаеме дека останува отворено прашањето дали ќе успееме да постигнеме прекин на огнот преку овие разговори. Не знаеме дали денес ќе имаме успех или пак ќе бидат потребни нови разговори“, рече Меркел.

Оланд вчера оцени дека предлогот е „ново решение за судирот, засновано на територијалниот интегритет на Украина“. Порошенко, пак, коментираше дека планот „дава надеж“ за прекин на огнот.

Американскиот потпретседател Џо Бајден денес во Брисел ја обвини Русија дека го ескалира судирот во Украина „со тоа што испраќа платеници и тенкови“. Тој подвлече дека на Русија „не смее да и` се дозволи да ја прекројува мапата на Европа“.

Бајден е меѓу светските водачи, дипломати и одбранбени претставници коишто се очекуваат во Минхен вечерва, на тридневната безбедносна конференција на којашто Украина ќе биде во врвот на дневниот ред. На средбата се очекува да учествуваат и украинскиот претседател Порошенко, американскиот државен секретар Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Проруски сепаратисти и украински претставници денес се согласија на привремено примирје коешто ќе овозможи хуманитарен коридор за евакуација на цивили од областите на источна Украина зафатени од судирот. Конвои со автобуси денес се упатија кон градот Дебалцеве, каде населението е затекнато во вкрстен оган.

XS
SM
MD
LG