Линкови за пристапност

Лавров се сомнева во легитимноста на престојните избори во Украина


Хејг ја обвини Русија дека се обидува да го спречи или попречи гласањето.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сомнева во легитимноста на претстојните претседателски избори во Украина закажани за 25-ти мај.

Тој даде ваков коментар во Виена, по состанокот на Советот на Европа посветен на украинската криза. Лавров рече дека би било „мошне невообичаено“ да се одржуваат избори додека украинската армија „се користи против дел од населението“.

Изјавата на Лавров уследи еден ден откако во градот Славјанск, во источниот дел на земјата, се судрија украинските сили за безбедност и проруските сепаратисти. Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков денес изјави дека во вчерашните престрелки загинале над 30 бунтовници и четворица припадници на владините сили.

Руската новинска агенција Интерфакс цитираше неименуван портпарол на проруските сили во Славјанск дека вчера загинале 20 негови соборци, а десетици цивили биле повредени.

Британскиот секретар за надворешни работи Вилијам Хејг, кој исто така присуствуваше на средбата на Советот на Европа, ја обвини Русија дека се обидува да ги спречи или попречи изборите во Украина. Францускиот претседател Франсоа Оланд, пак, предупреди дека ќе настане „хаос и ризик од граѓанска војна“ доколку не се одржи гласањето на 25-ти мај.

Со фактот дека расте насилството во Украина, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун за Француската новинска агенција изјави дека ќе понуди тој самиот да стане посредник, пред ситуацијата да предизвика големи последици што би излегле од сечија контрола.
XS
SM
MD
LG