Линкови за пристапност

Меркел во Вашингтон, на средба со Обама за Украина


Германската канцеларка Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел

Пред средбата со Порошенко, Путин и Оланд закажана за среда во Минск

Германската канцеларка Ангела Меркел денес во Вашингтон ќе разговара со американскиот претседател Барак Обама за борбите во Украина, среде интензивната дипломатска активност за крај на кризата во таа земја.

Вчера, Меркел учествуваше во четиристраниот телефонски разговор со претседателите на Украина, Русија и Франција, Петро Порошенко, Владимир Путин и Франсоа Оланд, посветен на француско-германскиот план за запирање на напливот на проруското бунтовништво во источна Украина. Четворицата државници се договориле да се сретнат во среда во главниот град на Белорусија, Минск, за натамошна дискусија.

Француско-германскиот план се базира на претходниот, неуспешен прекин на огнот потпишан во Минск минатиот септември и е подетален во однос на временските рокови, според виш претставник на Стејт департментот.

Преку 5.600 лица загинаа во судирите во Украина откако бунтовниците пред 10 месеци започнаа со востанието.

Американскиот државен секретар Џон Кери викендов се обиде да го намали значењето на разликите што се појавија во американските и европски стратегии за решавање на кризата. Тие разлики беа акцентирани на саботната безбедносна конференција за Украина во Германија, на којашто двајца клучни американски конгресмени го критикуваа европското противење на вооружувањето на Украина со смртносни средства.

Челнови на владата на Обама имаат изразено скептицизам за вооружувањето на Украина, и покрај растечкиот притисок за тоа од Конгресот којшто е под републиканска контрола. Американски владини претставници, како и нивните европски колеги, се загрижени дека смртоносното оружје за украинските сили би можело да предизвика огромен армиски одговор од Русија, што натамошно би ја загрозило безбедноста на цивилите во областите на судирите.

XS
SM
MD
LG