Линкови за пристапност

Лавров тврди: Силите на Крим ги штитат руските граѓани


Војници, за кои се претпоставува дека припаѓаат на руските сили, минуваат низ село во близината на Симферопол.

Војници, за кои се претпоставува дека припаѓаат на руските сили, минуваат низ село во близината на Симферопол.

Бајден, пак, побара Русија да ги повлече силите, да поддржи испраќање на меѓународни набљудувачи и да започне дијалог со украинската влада.

Рускиот министер за надворешни работи ја брани одлуката за зголемување на бројот на руски сили на полуостровот Крим во Украина. Пред состанокот со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, кој се обидува да спречи натамошно зголемување на напнатоста во регионот, Сергеј Лавров денес кажа дека силите на Крим се неопходни „се` додека не се нормализира политичката ситуација“. Тој говореше на отворањето на состанокот на Советот на ОН за човекови права во Женева. Според Лавров, руските сили ги штитат руските граѓани и сонародници.

Украина ја обвини Русија дека врши воена инвазија и побара повлекување на силите што ги опколија украинските армиски бази на Крим и поставија контролни пунктови на патиштата.

Американскиот потпретседател Џо Бајден по телефон разговарал со рускиот премиер Димитриј Медведев. Белата куќа соопшти дека Бајден ја повикал Русија да ги повлече силите од Украина, да поддржи итно испраќање на меѓународни набљудувачи во Украина и да започне дијалог со украинската влада.

Руските медиуми го цитираат секретарот за печат на Медведев дека до разговорот дошло по барање од американска страна и дека премиерот ја истакнал потребата „да се заштитат украинските граѓани, меѓу нив и оние на Крим, како и граѓаните на Руската Федерација кои се на територијата на Украина“.

Исто така, Медведев денес потпишал указ да почнат подготовките за изградба на мост преку Теснецот Керч што ќе го поврзе Крим со рускиот регион Краснодар.

Руската новинска агенција Интерфакс денес пренесе неименувани официјални лица од Министерството за одбрана на Украина дека командантот на руската флота на Црното Море, Александар Витко, дал ултиматум на украинските сили на Крим да се предадат до 5 часот наутро во вторник, или, во спротивно, дека ќе изврши напад.

Според руските медиумски извештаи, руски борбени авиони прелетале низ украинскиот воздушен простор над Црното Море, ноќта меѓу неделата и понеделникот.

Руското Министерство за надворешни работи денес остро ја критикуваше Групата осум главни индустријализирани земји (Г-8) за одлуката да прекине со подготовката на дневниот ред на самитот на Г-8, што требаше да се одржи во Сочи. Министерството соопшти дека одлуката, мотивирана од настаните во Украина, не само што наштетува на земјите од Г-8, туку и на целата меѓународна заедница.

Во одвоена изјава денеска, Министерство ги критикуваше, како што ги нарече, „неприфатливите закани“ на американскиот државен секретар Џон Кери, кој вчера кажа дека руската одлука да испрати сили на Крим е „дрзок акт на агресија, спротивно на меѓународното право“. Министерството го обвини Кери дека користи “клишеа од Студената војна“ и дека САД и сојузниците затвораат очи пред „милитантната русофобија и антисемитизам на демонстрантите кои ја презедоа власта во Киев“.
XS
SM
MD
LG