Линкови за пристапност

УНИЦЕФ бара помош за половина милион деца во источна Украина


Оттаму велат дека работат да се обезбеди непречен хуманитарен пристап и психо-социјална поддршка

Aгенцијата на Обединетите нации за заштита на децата објави дека конфликтот во Украина има длабоко влијание врз животите на половина милион деца кои живеат во областите кои не се контролирани од страна на владата на Киев и се близу до борбените линии со про-руските сепаратисти.

Преку соопштение, УНИЦЕФ изјави дека од околу 580.000 деца, едно од три има потреба од психолошка поддршка после двегодишното насилство во источниот дел на Украина.

Претставникот на УНИЦЕФ во Украина, Џиована Барберис, вели дека постои голема потреба да се задоволи физичката и психолошката потреба на овие деца.

УНИЦЕФ соопшти дека повеќе од 215.000 деца се внатрешно раселени од конфликтните региони и повеќе од дваесет деца загинаа минатата година.

Агенцијата на ОН упати повик до двете страни во конфликтот во Украина, да се обезбеди непречено хуманитарен пристап до децата кои имаат потреба за такво нешто. Агенцијата вели дека веќе работат да се обезбеди психо-социјална поддршка за децата во загрозените региони, образование, средства за хигиена, вакцини и информации за нагазни мини и други видови на воени опасности.

XS
SM
MD
LG