Линкови за пристапност

Постигнат договор за примирје во источна Украина


Украински војници близу местото Дебалцеве откако во Минск беше постигнат договорот за прекин на огнот

Украински војници близу местото Дебалцеве откако во Минск беше постигнат договорот за прекин на огнот

Ќе стапи на сила на 15-ти февруари; согласност по главните прашања, но останале извесни разлики

Водачите на Украина, Русија, Германија и Франција на маратонски разговори во Белорусија постигнаа договор за примирје во источна Украина коешто ќе стапи на сила на 15-ти февруари.

Рускиот претседател Владимир Путин кажа дека страните „успеале да се согласат по главните прашања“, вклучувајќи го и повлекувањето на тешкото оружје од зоните каде што се водат борби.

Од средбата во Минск: ракување на Порошенко и Путин во присуство на Меркел и Оланд

Од средбата во Минск: ракување на Порошенко и Путин во присуство на Меркел и Оланд

Украинскиот претседател Петро Порошенко го поздрави примирјето. „Главната постигната цел е што во сабота кон недела безусловно ќе биде објавен општ прекин на огнот“, рече Порошенко. Тој ги опиша разговорите како мошне напнати и порекна дека е постигнат договор за автономија на источниот дел на Украина.

Проруските бутновници не беа директно застапени на разговорите, но наводно и тие го прифатиле договорот.

Во одвоени прес-конференции, страните подвлекоа дека останале разлики. „Немаме илузии“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, додавајќи дека престои „уште многу, многу работа“.

САД го поздравија договорот и оценија дека „претставува потенцијално значаен чекор кон мирно решавање на судирот и обновата на украинскиот суверенитет“. Уважувајќи ги „неуморните напори“ на Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, соопштението на Белата куќа ја повикува Русија да „прекине со поддршката за сепаратистите и да ги повлече војниците и армиската опрема од источна Украина“. „Вистинскиот тест на денешната спогодба ќе биде во целосната и недвосмислена имплементација, меѓу што и трајниот прекин на непријателството и обновувањето на украинската контрола врз границата со Русија“, стои во изјавата.

Русија порекнува дека испраќа борци и оружје преку границата како помош за проруските сепаратисти во судирот со украинските сили, во којшто досега загинаа најмалку 5.400 лица, а илјадници беа повредени.

XS
SM
MD
LG