Линкови за пристапност

Туск истакнал дека ЕУ не може да ја остави Македонија сама да се справува со кризата


И додека на политички план владее затишје по посетата на Туск, на македонско-грчката граница растат тензиите.

„Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет и немаме никаков интерес целиот товар да падне само на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета. Воедно, Македонија ќе соработува со јужениот сосед за надминување на предизвиците од мигрантската криза“, истакнал, според медиумите во Скопје, претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, по вчерашната средба во четири очи со Доналд Туск, претседател на Европскиот совет, по која немаше прес-конференција ниту официјални изјави.

Менаџирањето на бегалската криза и напорите за постигнување заедничко европско решение, биле теми на разговорот, пред кој, гостинот од ЕУ истакнал дека Унијата ја разбира тешката ситуација на властите во Скопје и дека ЕУ не може и не смее да ја остави Македонија сама во тешката ситуација. Иванов пак, потенцирал дека во случај на затворање на Балканскиот бегалски коридор, Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за хуман третман кон луѓето кои транзитираат, но и дека ќе ги заштити државните граници и националната безбедност.

И додека на политички план владее затишје по посетата на Туск, на македонско-грчката граница растат тензиите. Неколку стотини бегалци со документи од Сирија и Ирак денеска ја поминале границата, што им ја вратило надежта на бегалците дека ќе има почест железнички трансфер кон север, но бегалците од грчка страна, во прифатниот камп Идомени ја блокирале пругата, барајќи со транспаренти и скандирање, отворање н границата.

Инаку, претседателот на ЕС, Туск денеска е во посета на Анкара, последната станица на неговата турнеја низ балканските земји, каде ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а вчера од Скопје замина за Атина, каде што, уште пред средбата со Туск, официјалниот став го изнесе грчкиот премиер Алексис Ципрас, дека „решението на бегалската криза треба да биде европско, сеопфатно и да се пронајде во соработка со Турција“. Според дел од македонските медиуми, кои ги пренесуваат грчките, меѓу 25 и 30 илјади бегалци и мигранти се заглавени во Грција, а официјална Атина се подготува за времен прием во кампови, и на 150.000 бегалци и мигранти, но и дека се побарани 480 милиони евра како итна помош од Унијата за справување со кризата. Паралелно, австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц ја повикал Грција да не им дозвола на бегалците да го продолжуваат патот кон Северна Европа, и да ги згрижува во „критични точки“

Истовремено, поради можноста бегалскиот бран да се пренасочи, албанските власти затвориле пет гранични премини кон Македонија и Грција, околу 450 припадници на специјалната единица за брзи интервениции биле преместени на на гранични премини кон двете соседни држави, а три поранешни воени караули, се отворени за прифаќање на бегалци.

XS
SM
MD
LG