Линкови за пристапност

Македонците не ги откажуваат аранжманите за Турција


Влатко Костенчев од „Аурора Турс“ вели дека не се исклучени промени за идни туристички резервации

Туристичките агенции подготвуваат замена за аранжманите за Турција, како резервна варијанта, по нападите на аеродромот во Истанбул, во кои загинаа најмалку 44, а беа повредени преку 239 лица.

Влатко Костенчев од „Аурора Турс“ вели дека засега не се јавиле патници да го откажат летот, но оти се можни промени во последен момент.

„ После одреден терористички напад, не е само тој што влијае врз патувањето и врз интересот на туристите за одредена дестинација, туку е целата слика за безбедносната сосотојба во одредена земја. Овој страв трае околу три дена најчесто, а некогаш ниту толку. Трае се додека медиумски е експлоатирана темата. Потоа луѓето продолжуваат да ги бараат истите аранжмани, ја користат истата компанија која ја прелетуваа таа земја. Не се чувствува некаков посебен страв“, вели Костенчев.

Костенчев додава дека планираат понуди за Шпанија, Крит и за Грција, но, дека и натаму очекуваат голем број посети на Турција, поради ниските цени годинава.

„Но, тоа најмногу се должи не заради безбедноста, туку затоа што Русите веќе не одат во Турција, па ги намалија цените за да ги привлечат гостите од Балканот“, објаснува тој.

Сепак, апелира патниците да ги следат инструкциите на водичот кога се движат во туристичките места, за поголема безбедност.

Вчера беа уапсени 13 лица осомничени за поврзаност со бомбашките напади на аеродромот Ататурк, откако беше извршена рација на 16 локации во Истанбул. Турција изјави дека тројца од нив биле од Русија, Узбекистан и од Киргистан.

Истрагата е во тек. Според доказите, Турција смета дека зад инцидентот стои Исламската држава, иако милитантите не презедоа одговорност.

XS
SM
MD
LG