Линкови за пристапност

Трамп и Пенс „претресуваат“ имиња за кабинетот


Во Кулата на Трамп во Њујорк, на 26-от кат се составува новата администрација

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс денес го договараат составот на новата администрација. Според некои информации функцијата државен секретар можно е да му припадне на поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани.

Трамп и Пенс треба да пополнат повеќе од четири илјади работни места во новата администрација, пред офицјално да ја преземат фунцкцијата на 20-ти јануари, но моментално во фокусот им е назначување на дипломати, секретар за одбрана, јавен обвинител и шеф на домашната безбедност. Сите овие позиции се клучни за надворешната политика и борбата на земјата против тероризмот.

Седумдесет и двегодишниот Џулијани нема претходно искуство во водење на надворешна политика, но соработниците на Трамп велат дека тој е еден од потенцијалните кандидати за државен секретар. Тој беше верен поддржувач на Трамп во текот на целата кампања се до неговата победа.

Џулијани се здоби со национална популарност кога беше градоначалник на Њујорк пред една деценија. За многумина Американци тој стана симбол на решителноста на САД во борбата против исламскиот тероризам, особено по терористичките напади на Њујорк и Вашингтон во 2001-ва, во кои загинаа околу 3.000 луѓе.

Тогаш тој изјави: „Њујорк ќе биде тука и утре. Одново ќе го изградиме и ќе станеме посилни... Сакам жителите на Њујорк да бидат пример за остатокот од земјата и за светот и да покажеме дека тероризмот нема да не заплаши“.

Сепак назанчувањето на Џулијани не е сигурно. Соработниците на Трамп велат дека се споменуваат уште неколку имиња, вклучувајќи го и Џон Болтон, поранешен дипломат кој беше американски амбасадор во Обединтетите Нации во времето на претседателот Џорџ Буш. Болтон отсекогаш бил гласен критичар на надворешната политика на претседателот Барак Обама, велејќи дека тој непотребно го намалил влијанието на САД на светската сцена.

Според американските медиуми, уште еден поддржувач на Трамп за време на неговата кампања, пензионираниот генерал и некогашниот раководител на Агенцијата за разузнавање при одделот за одбрана, Мајкл Флин, можно е да биде назначен за советник за национална безбедност. Сенаторот на Алабама, пак, Џеф Сешнс, кој на почетокот беше советник во кампањата на Трамп, можно е да биде именуван за Секретар за одбрана или јавен обвинител.

Портпаролот на Трамп, Џејсон Милер информираше дека средбата на Трамп и Пенс се одржува на 26тиот кат во кулата на Трамп во Њујорк и дека е исклучиво фокусирана на „претрес на можните кандидати“ за клучните позиции во администрацијата.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG