Линкови за пристапност

Трамп и Обама имале одлична средба


Ова значи почеток на постепената транзиција на власта, по што Трамп на 20-ти јануари, ќе положи заклетва на функцијата

Претседателот Барак Обама кажа дека имал одличен и сеопфатен разговор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа.

Во изјавата за новинарите по средбата, Обама подвлече дека негов приоритет број еден е да обезбеди непречена транзиција на власта.

Трамп истакна дека со нетрпение чека да соработува со Обама во иднина, нешто што го нарече голема чест.

Одвоено, правата дама Мишел Обама, исто така во Белата куќа се сретна со идната прва дама Меланија Трамп.

Белата куќа претходно соопшти дека ќе обезбеди Трамп и идните клучни членови на неговиот тим, од прв ден да бидат подготвени да ја одбранат националната безбедност на САД. Претставници на американското разузнавање и одбрана веќе почнаа на дневна основа да го брифираат Трамп за заканите по безбедноста на земјата и за воените операции во странство.

Дополнително, администрацијата на Обама планира да организира две вежби во кои ќе бидат вклучени неколку владини агенции, за да му помогне на Трамп и неговиот тим, во подобро запознавање со начините на кои владата одговара на домашните вонредни ситуации, без оглед дали тоа е, терористички напад или торнада и урагани.

Посетата на Белата куќа значеше почеток на постепената транзиција на власта, по што Трамп на 20-ти јануари, ќе положи заклетва на функцијата.

Обама, кој и` даде голема поддршка на демократката Хилари Клинтон за време на кампањата, истакна дека има желба Трамп да успее и на тимот на Белата куќа му нареди „да се работи што е можно поинтензивно“, за да се обезбеди дека ова е успешна транзиција за новиот претседател на САД.

Мирната транзиција на власта, Барак Обама ја нарече една од одликите на американската демократија.

Државниот секретар Џон Кери ја поздрави традицијата на мирната смена во раководството, му честиташе на Трамп за победата и му посака успех во „бројните предизвици со кои ќе се соочи“.

Претседателот Обама претходно предупреди дека доколку Трамп биде претседател, ќе ги врати наназад неговите осум години напредок кога станува збор за извлекување на земјата од рецесија и две војни.

Но, Трамп истакна дека администрацијата на Клинтон нема да биде ништо друго освен трет мандат на Обама, и вети дека ќе внесе промени во статус-квото, како што кажа, на барање на гласачите.

XS
SM
MD
LG