Линкови за пристапност

По Обама неизвесност за програмите за странска помош


Доделувањето на помош ќе биде преиспитано од администрацијата на Трамп

Омилените програми на администрацијата на претседателот Барак Обама за помош на другите земји, како на пример за ублажување на последиците од климатските промени и за контрацепција, може да се загрозени по инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

Многу е веројатно дека програмите за странска помош ќе бидат преиспитани од претседателот и од државниот секретар, кои имаат репутација на бизнисмени кои се фокусирани на профитот.

Истражувачот од Фондацијата Херитиџ, Џејмс Робертс вели дека „многу од помошта давана од западните држави -- САД, од земјите на Организацијата за економска соработка и развој -- единствено помогнало да се зацврстат корумпирани режими на власт“.

Тој додава дека во Африка некои лидери се на власт по неколку децении токму благодарение на меѓународната помош.

Африка е една од областите во интересната сфера на Стејт департментот што сега е под лупа од транзициониот тим на новоизбраниот претседател.

Листата на прашања на четири страници од транзиниониот тим ги „алармираше долгорочните специјалисти за Африка кои велат дека тонот на прашањата сугерира оти САД се повлекуваат од развојните и хуманитарните цели, а во исто време се обидуваат да развијат бизнис-можности низ континентот“, пишува весникот Њујорк тајмс.

Робертс вели дека новата администрација ќе го стави акцентот на борбата со корупцијата, зајакнување на сопственичките права и владеење на правото при распоредување на помошта и ќе гледа да ги награди државите кои ќе бидат подобри сојузници и трговски партнери на САД.

„Му помагате на некого за да си помогне самиот на себе. Тоа е идејата“, вели Робертс за Гласот на Америка.

Либертаријанците и многу конзервативци велат дека странската помош прави поголема штета отколку корист, правејќи ги неразвиените земји зависници од помошта.

Но многу од оние кои се вклучени во хуманитарната работа велат дека останува на САД, светски најголемиот донатор, и други дарежливи нации да спречат глад, пандемии и пореметувања на општествениот поредок.

Во овие донации се вклучени вакцини, антибиотици и итен одговор на епидемии и катастрофи.

Државниот секретар на заминување, Џон Кери, вели дека САД мора да сторат повеќе, особено во областа на образованието за оние кои се под удар на пропагандата на исламските фундаменталисти.

Каков став ќе заземе неговиот наследник Тилерсон, се` уште не е сосема јасно.

Трамп има кажано дека треба да се престане со „испраќање помош на земјите кои не` мразат“, но, тој исто така рече дека САД „мора да ја спасат хуманоста“. Тој се заложи да се продолжи со помагањето на држави како Пакистан зашто „не сакаме да видиме тотална нестабилност“.

Со Белата куќа и двата дома на Конгресот под републиканска контрола, одредени видови програми кои се незадоволни од религиозните конзервативци – клучен дел на партијата – речиси сигурно е дека ќе бидат соочени со ревизија.

„Секако има загриженост, особено во областа на планирање на семејството и репродуктивното здравје, особено во областа на превенција и третман на ХИВ-СИДА“, вели Аманда Гласман, раководителка на Центарот за глобален развој.

Гласман сепак признава дека УСАИД и други развојни владини агенции треба да ја подобрат ефикасноста.

XS
SM
MD
LG